Неколку американски федерални агенции во последнава година спроведоа сериозни акции против сегментот на медицинската марихуана. Масовно се затвораат сосема легални диспензери за делење мара на рецепт, се прогонуваат сопствениците а локалните власти добиваат закани ако се обидат да го регулираат ова прашање.
Само во Калифорнија, околу 2.500 луѓе останале без работа заради пломбирањето на диспензерите кои се во согласност со прописите на државата.
Акциите ги водат неколку федерални агенции кои велат дека овој сектор го презеле вистински криминалци на кои медицинската марихуана им служи само како параван за низа недозволени работи како што е перењето пари.
Обемот на акциите го надминува она што беше правено за време на мандатите на конзервативфниот Џорџ Буш.
Стегањето на овој сегмент доведува до загриженост дека марихуаната повторно се бутка во сферите на подземјето, каде што многу потешко може да се контролира.
Постојат и форми на вкрстен притисок. Пред извесно време продавачите на оружје добија известување од федералните власти дека не смеат да им продаваат на лица кои користат марихуана, без разлика дали тоа го прават легално. Со други зборови, ако лекарот ти препишал марихуана, не смееш да поседуваш оружје.
Во моментов во САД живеат околу 730.000 лица кои користат марихуана по лекарски рецепт.