Поранешниот припадник на британските маринци, Метју Робинсон, кој моментално работи на логистика и собирање средства за волонтерите на грузиската легија, објаснува дека војната на терен е сосема поразлична од Тикток видеата.
„На видеата гледаш скапа западна опрема како уништува колона руски тенкови, и тоа е супер, ама реалноста е многу поинаква,“ изјавува Робинсон.
За да не бидат само празни муабети, Робинсон на новинарот на Телеграф му ги покажува материјалите што ги има кај себе на телефон. Пример слика од маж чие цело лице е збришано (нема нос, уста, очи) во борбите, или видео од волонтер на кого му вадат шрапнел од дупката во која некогаш му стоело окото, кој останува ослепен затоа што немал пар заштитни очила.
„Оваа верзија на војната не е емитувана на смартфоните на западот, меѓутоа таа е реалноста и се додека владите во Лондон, Вашингтон и на други места не го сфатат тоа, борбите нема да се движат во правецот што тие го посакуваат,“ порачал Робинсон.
Мерено со почетокот од војната кога нема ни калашникови, ни панцири, ни шлемови, ситуацијата сега е малку подобрена. Мерено со реалните потреби на војната, ситуацијата и понатаму е застрашувачки лоша, „сите зборат за огромна поддршка од САД, од Британија, а гледаш наоколу и се мачиш да најдеш каде е еден долар од таа поддршка“.
„Не гледам хамери, оклопни возила. А луѓето што тренираат исто така немаат оптички нишани на нивното оружје, немаат борбени комплети за прва помош, униформи, ниту едно парче од заштитата за очи или за уши нема стигнато,“ раскажува поранешниот маринец.
Слично е и со големите парчиња опрема. Британскиот министер за одбрана најави дека ќе испратат повеќе ракетни системи М270, меѓутоа најверојатно, за сега, ќе бидат само три. САД ветија дека на Украина ќе и испорачаат помалку од 10 ракетни системи, а Украинците бараат најмалку над 60 за да можат да ги поразат Русите.
„Се прашувам каде е целата таа западна помош. Не сум видел ништо од западната помош или пари.
Секој човек што го обучувам има долга листа на опрема што му недостасува.
Нивната храброст инспирира на многу начини, бидејќи една третина од мажите што ги обучувам и кои одат на фронтот, нема да се вратат. Нивното ниво на обука е крајно недоволно, нивната физичка подготвеност може да се подобри. Ова е тешка ситуација,“ порачува Робинсон.
Тој повторува дека ветувањата и пребројувањата пари и опрема што се случуваат на прес-конференциите и во медиумите, никако не содејствуваат со тоа што на него му се случува на терен, објаснувајќи дека една работа е што грдни пари се трошат на скапи воени системи, но друга работа е што неговите луѓе немаат основна опрема за војната во која се влезени:
„Нашите момци немаат очила за ноќно гледање, нишани за пушки, летна облека. Нула. Испраќаме Украинци на фронтот без соодветна опрема. Помошта не стигна до местата каде што е најпотребна.“
Робинсон признава дека лажел во своите интервјуа што ги давал на почетокот на војната дека волонтерите имале поддршка, мислејќи дека нема да и користи на Украина и нејзината борба ако ја каже чистата вистина дека не ја добиваат поддршката, и дека тоа ќе биде од корист на руската пропаганда.
Денешната процена на Робинсон е дека ако Украинците на фронтот ја добијат правилната опрема, по стандарди по кои се борат сите западни војски на светот, „целата динамика на војната би се променила, момциве би освоиле 100 проценти од територијата што ја загубиле.“