- Либанскиот премиер го обвини Израел за воено злосторство поради намерно убиство на новинарката Амал Кабил во јужен Либан. При нападот беше ранета и фотографката Зејнаб Фараџ.
- Откако со проектил било погодено првото возило од конвојот на новинарите, и притоа загинале двајца мажи, Кабил и Фараџ се засолниле во куќа во селото Тајри. Веднаш потоа била погодена и куќата.
- Израелските сили отвориле оган и врз обележаното амбулантно возило што се упатило кон новинарите. Првите екипи стасале до телото на Кабил и до ранетата фотографка по неколку часа.
- Израелските сили објавија дека гаѓале „возила што се одвоиле од воена структура на Хезболах“ и претставувале „непосредна закана“. Било погодено едно од возилата, а потоа и „објектот во кој избегале другите лица“.
- Калил во 2024 година изјави дека добила смртни закани и предупредувања да го напушти Либан.
- Таа е деветтиот новинар убиен во Либан оваа година. Откако Израел ја почна војната на 2 март, убиени се повеќе од 2.300 луѓе, а повеќе од 1 милион беа протерани од домовите.
- Државата и општините со години ги убедуваа граѓаните да ги заменат старите печки со печки на пелети за да го намалиме загадувањето. За тоа се трошеа јавни пари.
- Денес, пред почетокот на грејната сезона, вреќа од 15 килограми стигнува до 399 денари, цените често не се ни јавно објавени, а граѓаните масовно ги продаваат печките во кои некогаш беа поттикнати да инвестираат.
- Каде пропадна добрата идеја? Државата ја субвенционираше печката. Горивото го заборави. Не е доволно да му помогнеш на граѓанинот да ја купи печката, а потоа да му кажеш дека горивото е работа на пазарот.
- Предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп за преименување на вештачката интелигенција (AI) во супер интелигенција (SI) повлече рекордно зголемување на регистрациите на словенечки интернет домени (.si).
- Националниот регистар на Словенија објави дека во септември имало огромна побарувачка за .si домени: биле регистрирани 44.000 .si адреси, а само месец претходно имало помалку од 2.000.
- Тоа е зголемување од речиси 2.200 проценти.
- Праксата за шпекулативно купување домени се вика "cyber-squatting" и целта е тој подоцна да се продаде по висока цена. Рик Шворц во 1997 го купи men.com за 15.000 долари. Седум години подоцна го продаде за 1,32 милиони долари.
- Толку е веста. Легни.си.