Со законот што забранува или ограничува пристап до ЛГБТ содржини, унгарската влада во заминување ги стигматизира и ги маргинализира геј и трансродовите лица, пресуди Европскиот суд на правдата и побара од Будимпешта да го поништи законот.
Таа обврска ќе падне на идниот премиер Петер Маѓар, чија десничарска партија Тиса убедливо победи на изборите пред една недела.
Случајот се однесува на законот од 2021 година со кој се ограничува или забранува промовирање на хомосексуалноста и на родовата транзиција во медиумите што им се достапни на деца. Тужбата беше поднесена од Европската комисија, со поддршка од 16 членки и од Европскиот парламент.
Унгарскиот закон е срамен. Европската комисија ќе ги искористи сите овластувања за да обезбеди гарантирање на правата на сите граѓани на ЕУ, кои и да се и каде и да живеат, изјави тогаш претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен.

Десничарската влада на Виктор Орбан не се потресе многу од заканата од Брисел. Лани забрани одржување на Прајдот и ја овласти полицијата да користи биометриски камери за да ги идентификува организаторите и оние што ќе ја прекршат забраната. По победата на изборите, Маѓар воздржано го поддржа Прајдот „во име на правото на слобода на собирање“.
Според Тиса и милиони Унгарци што ја поддржуваат, секој може да живее со кого сака, сè додека не ги крши законите и не е штетен за другите... Унгарија сака да биде земја каде што никој не е стигматизиран затоа што размислува поинаку, или затоа што сака некого различен од мнозинството, или затоа што верува во нешто различно од мнозинството, изјави Маѓар.
Но во кампањата пред изборите, Маѓар молчеше за правата на ЛГБТ заедницата и се фокусираше на корупцијата, трошоците за живот и местото на Унгарија во Европа.
Тие стратешки и тактички избегнуваа да дискутираат за оваа тема и не сакаа да доминира во изборната кампања. Се фокусираа на прашања што не предизвикуваат раздор, како здравството или корупцијата, вели Тамаш Домбос, активист за правата на геј луѓето.
Во времето на Орбан, во Уставот беа вградени законската забрана за признавање на родот од 2020 година, Законот за пропаганда од 2021 година и уставните амандмани од 2025 година со кои се прогласува бинарна дефиниција за пол. Тиса има обезбедено супермнозинство кое технички овозможува усвојување уставни амандмани.
Во самата кампања беше одговорено прашањето дали Маѓар ќе го потроши на ЛГБТ својот политички капитал за уставни измени, во услови кога кохезијата на неговата коалиција зависи од конзервативните рурални гласачи кои со години ја поддржуваа анти-ЛГБТ реториката на Орбан. Нема!, забележува американската активистка Алехандра Карабало.