ЕУ во судир со Трамп за гасовод во Босна

Брисел ризикува нова конфронтација со Доналд Трамп поради заканите да спречи профитабилен договор на неговиот личен адвокат за изградба на гасовод низ Босна. ЕУ инсистира да го има последниот збор за комерцијалниот проект и се заканува дека во спротивно може да има последици по процесот на пристапување на БиХ кон Унијата.

Гасоводот „Јужна интерконекција“, дизајниран да ја намали зависноста на Балканот од руски гас, треба да ја поврзе Босна и Херцеговина со терминал за течен природен гас на јадранскиот брег на Хрватска.

Босанските пратеници во март усвоија закон, според кој договорот за изградба, без јавен тендер, ѝ е доделен на AAFS Infrastructure and Energy, новооснована американска компанија со седиште во Вајоминг. Предводена е од двајца блиски соработници на Трамп - Џеси Бинал, адвокат кој го бранеше од обвинувањата за поттикнување на немирите во Капитол, и Џо Флин, брат на поранешниот советник за национална безбедност на претседателот.

Иако е основана во ноември 2025 година и не го објавува сопствеништвото транспарентно, фирмата најави дека ќе инвестира 1,5 милијарди долари во гасоводот и во други инфраструктурни проекти во Босна.

Извори на Гардијан во БиХ тврдат дека договорот бил склучен под притисок од американски функционери. Групата Транспаренси интернешнел оцени дека доделувањето на договорот без јавен тендер ќе постави „опасен преседан“.

Луиџи Сореца, официјалниот претставник на ЕУ во Сараево оцени дека потегот „ги загрозува надежите на земјата за пристапување во ЕУ“ и истакна дека Брисел треба да интервенира во законот за гасоводот. 

На овој начин, Босна и Херцеговина ќе може да продолжи да напредува на својот европски пат и да избегне пропуштање на можностите за понатамошна интеграција, како и финансиските можности, предупредил Сореца во писмена реакција на 13 април.

Бинал вели дека гасоводот е приоритет за администрацијата на Трамп.

AAFS никогаш нема да го изгуби од вид она што навистина е важно во овој проект: енергетска безбедност и поттикнување на економскиот развој за народот на Босна и Херцеговина. Ние сме посветени на тесна соработка со сите надлежни органи за да ја развиеме потребната инфраструктура за да ја оствариме оваа визија, изјави Бинал.

Бинал и Флин не се единствените во потесниот круг на Трамп што покажаа интерес за Босна. Мајкл Флин, братот на Џо, лобираше за Милорад Додик, што резултираше со укинување на санкциите од Вашингтон за лидерот на босанските Срби. Доналд Трамп Јуниор, кој ја води семејната бизнис империја, неодамна го посети Сараево. Тие, сепак, не се директно поврзани во проектот за гасоводот.

23 април 2026 - 13:07