Пикузо со целата своја благодарност кон Западот објаснува дека во првите месеци од војната 60% од оружјето е снабдено од Западот, меѓутоа Украина сепак морала да ги купи останатите 40%, што е само 10% од вистинските потреби на земјата.
Неговата процена е дека за Украина да ја сврти војната во своја корист ќе и требаат 600 до 800 милијарди долари. Кинескиот воен буџет е 200 милијарди долари. Британските процени се дека на Украина и фалат уште некои си 300 милијарди долари за да може да парира на руското производство.
Тој објаснува дека во годините по руското анектирање на Крим, сегашните сојузници упорно одбиваат да и продадат оружје и опрема за производство на Украина за земјата да може да се подготви за евентуалната инвазија од Русија.
Ситуацијата се менува кон крајот на 2021 кога на американското разузнавање му станува јасно дека руската инвазија е неизбежна и Белата куќа одобрува испраќање на Џавелин анти-тенковски проектили, а Британија испраќа НЛАВ.
Во меѓувреме Агенцијата насекаде се обидува да најде заостаната советска муниција и оружје. Меѓутоа ниту муницијата, ниту оружјето повеќе никаде не се произведува, а обидите на источноевропските членки на НАТО да го обноват производството критично заостануваат зад потребите.
Пикузо објаснува дека пазарот на советско оружје „е доминиран од посредници и шпекуланти“ и дека глобалните залихи од истото рапидно се трошат од Русија и Украина.
„Нема да именувам конкретни држави... но во голем број држави нивната корупција е наш сојузник. Во овие држави, некогаш правиме работи кои се забранети со нивен закон.
На пример, категорички сме одбиени за некоја муниција, за потоа да добиеме повик со совет дека треба да испратиме писмо за намери до конкретна компанија посредник, која можеби не се ни наоѓа во таа држава. Кога ќе го пратиме писмото со намери, и добиваме пред-договор, веднаш стига дозволата за испорака на таа количина во Украина.
Јасно ни е дека не е чудо тоа што некој конкретен посредник може да ни го испорача она што е целосно забрането од неговата влада,“ раскажува Пикузо.
Проблемот со ваквите решенија е што истите овие луѓе знаат дека Украина е во безизлезна ситуација и истата ја искористуваат за кревање на цените и брзо богатење.
Британски Тајмс пишува дека нивните математики покажеле дека цените на клучни оружја во војната пораснале за шест пати од почетокот на судирот. Пример, советските 122-милиметарски Град ракети, кои пред војната дилерите ги продаваат за 900 долари од ракета, а сега бараат 6.000 за парче.
Освен чисто профитирање, едно од објаснувањата е што и Русија и Украина се борат за истата муниција и оружје, па се случува на пример украински преговори за оружје со странска држава да бидат нагло прекинати откако руски бизнисмен преку ноќ ја авансирал целата залиха од одредена муниција.
Друга причина е што и дел од снабдувачите намерно не ја нудат својата залиха бидејќи знаат дека за шест месеци цената ќе се зголеми за два пати.
На почетокот од војната бељата ја прават украинските сојузници кои со намера да се покажат колку сакаат да и помогнат на Украина започнуваат војна со наддавање за купување на советска муниција, што на крај ја крева цената.
„Сопственикот на оружјето станува внимателен и или ја одложува испораката или целосно ја откажува за истото тоа да не и го продаде на Украина, туку на наша држава сојузник,“ објаснува Пикузо.