
Светот е слабо подготвен за она што го очекува - драматичен крах во стапката на новороденчиња, процес кој ќе има шокантни последици по општествата во кои се живее. Падот на таа стапка сугерира дека на крајот на овој век, скоро сите држави ќе имаат помалку население отколку што имаат во моментов а на 23 држави, вклучително Шпанија и Јапонија, населението ќе им биде преполовено.
Кога стапката на наталитет паѓа под 2,1, тогаш почнува намалување на населението. Во 1950 година, жените раѓале просечно 4,7 деца. Веќе во 2017-та, таа стапка е преполовена на 2,4 а проекциите велат дека во 2100 година ќе изнесува само 1,7.
Како резултат на тоа, глобалниот пик ќе биде постигнат околу 2064 година кога на планетава ќе има 9,7 милијарди луѓе за потоа бројот да почне да опаѓа и следниот век да се дочека со 8,8 милијарди.
Се предвидува дека Јапонија ќе се намалува од пикот од 128 милиони луѓе кој го имаше во 2017 година до само 53 милиони на крајот на овој век. Драматично ќе се намали и Италија, од 61 на 28 милиони. Тоа се две од 23-те земји (во кои се и Шпанија, Португалија, Тајланд, Јужна Кореја...) чие население ќе биде преполовено на крајот на 21 век.
Моментално најбројната држава, Кина, се очекува за 4 години да го постигне својот популациски максимум од 1,4 милијарди по што речиси ќе се преполови на 732 милиони во 2100-тата, кога водството ќе го држи Индија.
Ваквиот тренд некому може да му се чини како добра вест: помалку луѓе значат помало загадување на околината, помалку штетни гасови во атмосферата, во автобуси може ќе нема толкава гужва... Но, сериозен е тоа проблем.
- Бројот на деца под 5 години ќе падне од 681 милион во 2017 на 401 милиони во 2.100.
- Бројот на луѓе над 80 години ќе вивне од 141 на 866 милиони во истиот период.
Кој ќе плаќа даноци во таков остарен свет? Кој ќе плаќа за здравствена грижа за старите? Кој ќе ги чува и пази? Ќе дозволат ли во такви услови човек некогаш да се пензионира?