Главно ветување на наследникот на Шојгу, Андреј Белусов, беше намалување на корупцијата во руската одбрана и подобрување и забрзување на военото производство во насока на долгорочна војна против Украина.
Поранешни руски воени функционери објаснуваат дека за да успее ветувањето на Белусов околу војната против корупцијата клучно било излегувањето на Шојгу од одбраната со што исчезнува и неговата заштита на дел од воените функционери кои ФСБ почна да ги истражува и апси.
„ФСБ конечно ги зари своите заби во министерството за одбрана и генерал-штабот. Трпението на Путин конечно пукна.
Шојгу и Герасимов даваа заштита, меѓутоа сека Путин одлучи да преземе нешто. Шојгу за време на својот мандат главно го држеше ФСБ на дистанца од министерството. Но кога ФСБ ќе загризе не се знае до каде ќе тера,“ објаснува за Гардијан, поранешниот британски одбранбен аташе во Москва, капетан Џон Форман.
Уште од почетокот на војната Шојгу и Герасимов се отворено критикувани и напаѓани и од поддржувачите на војната за проблемите и нивниот неуспех да се справат со корупцијата во руските вооружени сили. Неспоредливо најгласен во ова беше Евгениј Пригожин кој минатото лето со своите вооружени сили тргна на Москва.
Познавачите сметаат дека иако Путин претходно е информиран, апсењата и истрагите најверојатно не се иницирани од Кремљ, туку од самиот ФСБ и нивните информации и докази.
За помалку од еден месец ФСБ уапси 4 високи руски воени функционери, почнувајќи од ветеранот заменик министер за одбрана, Тимур Иванов. После него беа уапсени првиот кадровик на министерството, Јури Кузнецов, раководителот на одделението за комуникации на генерал-штабот, Вадим Шамарин, и раководителот на одделот за набавки, Владимир Вертелетски.
Кремљ официјално отфрла дека се врши каква било чистка во министерството за одбрана, објаснувајќи дека се работи за „долгогодишна континуирана борба против корупцијата“.
Чистката се толкува и како промена на балансот на моќта во корист на руските безбедносни сили, на сметка на војската и одбраната.
„Одделот за контраразузнавање на ФСБ станува се помоќен. Тие моментално ги држат сите карти и ги стегаат сите шрафови.
Не дека пристигнувањето на Белусов доведе до чистката, туку заминувањето на Шојгу и неговите ресурси. Шојгу на крајот од краиштата беше човек од безбедноста и ја имаше нивната поддршка,“ објаснуваат руски извори за Гардијан.