На Италијанците златото не им е сигурно кај Трамп

Во Германија со години се води дебата како да се врати дома огромното количество златни прачки што државата ги чува во САД. Во Италија ова прашање пред шест години го отвори Мелони, која како опозиционерка порача: „Веднаш вратете го италијанското злато!“. Сега како премиерка молчи, но се зголемува притисокот зашто златото во САД не е толку безбедно како порано.

Италија и Германија со децении складираат златни прачки во САД. Нивното злато во американските трезори достигна вредност од над 245 милијарди долари. Со 3,352 тони, Германија ги има вторите најголеми златни резерви на светот, веднаш по американските. Италија е на третото место со 2.452 тони.

Во трезорот на Банката на Италија во моментов се чуваат само 44,86% од државните златни резерви, нешто повеќе од делот што е во Америка. Евентуалната операција за враќање би опфаќала логистички и оперативни предизвици, но тоа би било цената на изразување економски суверенитет, за кој Џорџа Мелони зборуваше пред шест години.

Како премиерка Мелони се изјаснува за многу блиска сојузничка со Вашингтон и сега ја избегнува темата за да не отвори фронт со САД. Но, растечката недоверба кон американската монетарна политика, нагласена од потезите на Доналд Трамп против Федералните резерви, разгоре дебата во Европа за потребата од враќање на овие златни резерви на континентот.

Враќањето на златото во Италија би ја гарантирало безбедноста на нашите златни резерви и би спречило стратешки ресурси да завршат под контрола на странска држава, повикува Corriere della Sera.

Владејачката партија Браќата на Италија ја заобиколува чувствителната тема.

Прашањето за географската локација на италијанските прачки не ми изгледа релевантно, изјави за „Ла Стампа“ Марко Оснато, претседавач на  парламентарната комисија за финансии.

******
Види и: Германци си го бараат назад златото од Америка

27 јуни 2025 - 15:24