На почетокот од годинава германското министерство за екологија побара построги ограничувања за увоз на трофеи од уловени животни. На ова претседателот на Боцвана, Мокгветски Масиси, порача дека ваквата одлука само ги осиромашува луѓето на неговата земја.
Претседателот објаснува дека Боцвана сега има проблем со експлозија на бројот на слонови како резултат на крајно успешните напори за нивна заштита, а ловот помага тие да се држат на број. Германија е најголемиот увозник на трофеи од африкански слонови.
„Германците треба да живеат со животните на начин на кој ни велите дека ние треба да живееме. Не се шегувам,“ изјавил претседателот на Боцвана за германски Билд, кога и порачал дека ќе им прати 20.000 слонови.
Боцвана е дом на една третина од слоновите во светот, околу 130.000 примероци, што е многу повеќе отколку што има простор. Земјата во 2014 го забрани ловот на слонови, но во 2019, под притисок на локалните заедници повторно дозволи.
Освен директни жртви, слоновите оштетуваат имот на локалците и им ги уништуваат и јадат засадените површини. Како една од мерките за намалување на популацијата на слонови, претходно Боцвана подари 8.000 слонови на соседна Ангола и стотици на Мозамбик
Минатиот месец министерот за див свет на Боцвана се закани дека ќе испрати 10.000 слонови во лондонски Хајд парк за Британците „да видат како е да се живее со нив.“
„На некои места има повеќе слонови отколку луѓе. Тие убиваат деца кои ќе им се најдат на пат. Ги газат или јадат посевите на земјоделците оставајќи ги Африканците гладни,“ изјавил министерот.
Освен контрола на популацијата, Боцвана вади сериозни пари од западни богаташи кои плаќаат да можат да ловат слонови и потоа главата или кожата да ја вратат дома како трофеј.
Против забраните за увоз на сувенири од слонови се и останатите источноафрикански држави, кои се жалат дека официјалната забрана само ќе го поттикне ловокрадството.