Главниот министер на Бихар, Нитиш Кумар, одлучил да ја раскине коалицијата со десничарската Народна партија на Индија која успешно функционирала последниве осум години. Налутен од потегот, премиерот којшто е од оваа партија изјавил дека „нешто не е во ред со политичката ДНК" на неговиот колега.
По тешки расправии по социјалните мрежи, како дел од протестот Кумар ангажирал најмалку пет милиони луѓе од неговата држава за да соберат и да му испратат пакет примероци од својата ДНК на г-дин Моди за тестирање.
„Јас сум син на Бихар, така што мојата ДНК е ДНК и на народот кој живее тука. Сега оставам на него да им одговори на овие луѓе што значи тоа дека нивната ДНК е погрешна", напиша Кумар на Твитер.
До сега се отворени 250 собирни места во главниот град на државата, Патна, каде се собира коса и примероци од нокти од луѓето кои масовно реагираат на повикот на нивниот министер. Голем дел од нив се работници од партијата на Кумар, Џаната Дал или Обединета партија. Се планира акцијата да се прошири во сите 38 области во државата.
„Нашата ДНК не е фалична. Ако се сомневате, тестирајте нè'", пишува на флаерите кои се делат наоколу. Иако не сите знаат што подразбира едно генетско истражување и дека ова е всушност повеќе сатира, луѓето сакаат да покажат солидарност со Кумар кој е популарен политичар во една од најсиромашните држави во Индија. Тој пак своето владеење во голема мерка го должи токму на Народната партија на Индија, со чија помош ги доби изборите во 2005. Но по два мандата тој веќе не е во добри односи со премиерот, а населението го поддржува бидејќи за нив локалната гордост, идентитетот и автономијата се поважни отколку припадноста на поголемото индиско семејство. Токму затоа собирањето ДНК е повеќе метафора - доколку навистина би се обработиле овие примероци, тоа би чинело повеќе од 500 милиони долари.