Министерот отфрлен од Зеленски почна бизнис со Палантир

Разрешениот украински министер за одбрана Михајло Федоров основа одбранбена компанија поддржана од Алекс Карп, директорот на Палантир. Во заеднички потфат, ќе се обидат да го искористат военото искуство на Украина и капиталот на американскиот технолошки гигант за развој на роботизирани машини со ВИ, кои сега се најбараното оружје на глобалниот пазар.

Името на компанијата на Федоров се уште не е објавено, но тој потврди дека Карп е првиот и главен инвеститор во стартапот. Износот на инвестицијата не е обелоденета, како ни степенот на вклученост на Карп и на Палантир, кој веќе има склучено одбранбени договори со американската влада од над 10 милијарди долари.

Главната цел се очекува да биде развој на роботизирани и автоматизирани системи за бојното поле, со цел да се намали ризикот за војниците на фронтот. Фокусот ќе биде на беспилотни пресретнувачки летала со млазен погон, кои би требало да ги запрат во лет тешките непријателски дронови, како иранските „шахед“, кои Русија ги користи за напади врз Украина.

За време на војната, нашиот тим се стекна со уникатно искуство работејќи со одбранбени технологии во Украина и од прва рака следеше како технологијата го трансформира модерното војување. Компанијата би можела да го пренесе знаењето и искуството на Украина во војувањето како производ до земјите-сојузнички, објави Федоров на Икс. 

Младиот и популарен министер за одбрана во јули беше разрешен од претседателот Володимир Зеленски, само шест месеци откако беше назначен на функцијата. Неговата смена предизвика масовни протести низ Украина. 

Уште пред да стане министер, Федоров за време на војната се истакна како експерт за војување со дронови и изгради односи со врвните американски технолошки лидери. Поздравувајќи ја улогата на сателитскиот систем Старлинк во обезбедувањето интернет врска за украинските војници, тој го нарече Илон Маск „најважната технолошка личност и претприемач во светот за нашата земја“.

Во неодамнешно интервју за Фајненшл тајмс, Федоров оцени дека Украина би можела да го размени своето искуство од војувањето со дронови за американски одбранбени системи „Патриот“, кои Трамп одби да ѝ ги доставува на Киев, главно поради намалените американски залихи.

Говорејќи за сопственото разрешување, Федоров изјави дека се соочил со силен отпор од воениот и политичкиот естаблишмент во Киев, особено со главниот командант на воените сили Олександар Сирски, со кој имаше „непремостливи разлики“ за мобилизирањето војници.

Федоров беше и еден од ретките украински политичари што се дрзна да повика на одржување избори, дури и во време на војна, а предизвика и остри реакции кога оцени дека Украина ја губи војната со Русија. Сепак, се воздржува од повик за заминување на Зеленски од власта.

Ова не е насочено против Зеленски ниту против која било конкретна личност. Треба да го ажурираме оперативниот систем на државата, изјави Федоров.

Говорејќи за војната, тврди дека единствениот начин на Украина да се одбрани е да ги интензивира нападите со ракети длабоко на руска територија, што би го принудило Владимир Путин да ја заврши војната. За тоа, секако, смета дека би биле потребни оружјето и муницијата што ќе го произведува неговата компанија.

Потребни ни се повеќе млазни дронови, евтини ракети и проектили со вештачка интелигенција. На друг начин не можете да водите дијалог со Путин. Тој ја разбира само силата, вели Федоров.

******
Види и: Чесните не издржуваат долго во кабинетот на Зеленски

3 септември 2026 - 12:53