„Следната година ќе елиминираме 90 отсто од преостанатите давачки на национално ниво. Префрламе даночна автономија на провинциите кои самостојно ќе одлучуваат колку ќе ги оданочуваат бизнисите и работниците. Сакаме да постигнеме конкурентност меѓу провинциите, нека се натпреваруваат меѓу себе за инвеститори“, рече аргентинскиот претседател Хавиер Милеи по повод годишнината од преземањето на функцијата.
Милеи извојува историска победа на изборите во 2023 година како кандидат на нова политичка партија, ветувајќи им на Аргентинците кратења, отпуштања и врзување за доларот за да ја извлече земјата од големата економска и морална криза.
Во 2024 исполни дел од предизборните ветувања- укина некои министерства, даночна администрација и царина, државни компании и агенции, субвенции за приватниот сектор; намали некои даноци, отпушти десетици илјади државни службеници.
Сосема очекувано, тоа предизвика серија протести и немири на улиците на Буенос Аирес и другите поголеми градови во земјата. Исто така очекувано, првите резултати од бруталните мерки беа депресивни- невработеноста и сиромаштијата се зголемија а економската активност се намали.
Сепак, по една година почнуваат да се забележуваат некои позитивни резултати. Годишната стапка на инфлација падна за 44 отсто, а државата првпат по 100 години оствари буџетски суфицит. Тоа значи дека Милеи успеа во она што тамошните експерти го сметаа за невозможна мисија - да го балансира буџетот и државата да троши помалку отколку што собира.
За следната година најавува продолжување на реформите со исто темпо - дополнително укинување на државни агенции и јавни претпријатија, отпуштање државни службеници и што е можно повеќе „доларизација“ на Аргентина. Освен аргентинскиот пезос, тој воведе и долар и биткоин - со идеја дека е добро кога се натпреваруваат и валутите.
Најави уште една голема работа - потпишување на договор за слободна трговија со САД, нешто за кое вели дека требало да се направи уште пред 19 години.
Иако добар дел од јавноста бучно протестира против сè што прави, мнозинството сепак го поддржува. Од три неодамнешни анкети на аргентинските агенции, според едната, 47% од граѓаните го поддржуваат, според втората 54%, а според третата 53%. Во секое истражување има поголем дел од оние кои го поддржуваат отколку оние кои му се спротивставуваат.
Милеи објавува буџетски суфицит на Аргентина, првпат во 123 години: