Најверојатната причина е што ова не беше првата посета на Меркел на Русија, туку таа во 2005-та кратко откако беше избрана за канцеларка, посетата на Москва ја искористи да се сретне со опозицијата, сакајќи да покаже дека се разликува од нејзиниот претходник Герхард Шредер, кој беше близок со Путин.
И покрај напнатоста, однос меѓу двајцата за сега се смета за единствена надеж за дипломатско решавање на кризата. Во моментов Меркел е единствен западен лидер за кого Путин има вистинска почит.
Довербата делумно се должи на тоа што Канцеларката е израсната во Источна Германија и зборува руски. "Таа разбира она што другите не го разбираат," објаснува Стефан Меистер од Евроспкиот совет за надворешни односи. Истото важи и во обратен правец, Путин кој течно зборува германски, својот стаж како агент на КГБ го минува во Дрезден и ја разбира.
Ваквото меѓусебно разбирање беше очигледно во 2008-ма, кога Меркел ја скроти желбата на САД да ја внесат Украина во НАТО. Од тогаш Путин ја смета германската Канцеларка за тежок ама доверлив партнер, и покрај тоа што двајцата имаат сосема спротивни убедувања. (За Путин распаѓањето на СССР е најголемата геополитичка трагедија на 20-от век, за Меркел падот на Берлинскиот ѕид е прогрес.)
Тука е и економскиот интерес, Русија снабдува една третина од потребите за гас и нафта на Германија, а економската размена меѓу двете држави е околу 80 милијарди евра.
Иако Меркел претходно му даваше премногу кредит на Путин, Њујорк Тајмс пренесува дека таа на Обама му порачала дека денес верува дека рускиот претседател го изгубил допирот со реалноста.
"Ама 100 години по започнувањето на Првата светска војна, Канцеларката е последниот човек што размислува за воен одговор на маневрите на Путин. Нејзините дипломатски напори до сега не успеаа, а санкциите изгледаат како да се неизбежниот следен чекор. Дуелот меѓу Меркел и Путин изгледа како само што започнува," пишува францускиот весник Лес Еко.