Медиумите одбија да му бидат мегафони на Хегсет

Водечките американски медиуми ги отфрлија новите правила за известување од Пентагон. Велат дека ќе се откажат од акредитациите, но не и од слободното известување. Министерот за одбрана Пит Хегсет бара од новинарите да не шетаат по канцеларии без придружба и да не објавуваат материјали што тој лично не ги авторизирал, дури и ако документите не се обележани како доверливи. 

Хегсет ги предупреди медиумите дека ако до денеска не ги потпишат новите правила за известување, ќе имаат рок од 24 часа да ги вратат акредитациите и беџевите за влез во Пентагон и да ги испразнат своите работни простории.

Њујорк тајмс, Вашингтон пост, Ројтерс, Асошиетед прес, Атлантик веќе објавија дека не ги прифаќаат ограничувањата. Неочекувано им се придружи и конзервативната телевизија Њузмакс, која ја брани администрацијата на Доналд Трамп. Велат дека новата политиката е закана со казни за известување, кое е заштитено со Првиот амандман.

Ројтерс е обврзан со својата посветеност на точни, непристрасни и независни вести. Исто така, цврсто веруваме во заштитата на слободата на печатот што ја гарантира Уставот на САД, неограничениот проток на информации и новинарство што служи на јавниот интерес без страв или наклонетост. Новите ограничувања на Пентагон ги еродираат овие фундаментални вредности, објави Ројтерс.

Шон Парнел, портпаролот на Министерството за одбрана, објасни дека „се воспоставуваат процедури засновани на здрав разум“.

Од нив не се бара да се согласат, туку само да потпишат дека разбираат каква е нашата политика. Поради ова глумат расплакани жртви. Ние стоиме зад нашата политика, затоа што таа е најдобра за нашите трупи и за националната безбедност, изјави Парнел.

Хегсет оцени дека најголемиот проблем за новинарите е што ќе им биде ограничен неограничен пристап до високо доверлив воен комплекс. Медиумите возвраќаат дека работат одговорно и не објавуваат информации што би ја загрозиле националната безбедност, но и дека имаат обврска кон граѓаните да известуваат независно.

Даночните обврзници плаќаат речиси 1.000 милијарди долари годишно за американската војска. Јавноста има право да знае како функционираат владата и војската, изјави Ричард Стивенсон, шефот на бирото на Тајмс во Вашингтон.

Новите правила на Хегсет ги прифати само One America News.

Искрено, шокиран сум како ова досега не било задолжително. Тоа е Пентагон! Ќе ги почитуваме овие разумни услови, поставени поради загриженост за нашата национална безбедност, порача поранешниот пратеник Мет Гец, кој сега е водител на оваа телевизиска мрежа.

14 октомври 2025 - 10:10