Маск подржува американско излегување од НАТО и ООН

„Шепкачот на Трамп“ се чини дека е за напуштање на Северноатлантската алијанса и Обединетите нации. Трамповото незадоволство претходно се изразуваше преку податоците кој колку пари издвојува и желбата да не паѓа сиот товар врз САД.  Ова е првпат од неговиот „Кремљ“ да се поддржи идеја за напуштање на овие меѓународни организации. 

„Се согласувам“ напиша на Икс 53 годишниот милијардер како одговор на сугестијата на МАГА инфлуенсерот Гинтер Иглман дека е „време да се напушти НАТО и Обединетите нации. 

На таа тема истоветно се огласија и други американски политичари како сенаторот Мајк Ли од Јута кој поднесе и предлог за излегување од ОН која ја осуди како „платформа за тирани и место за напад на Америка и нејзините сојузници“.

Иако Трамп досега директно не најавил размислувања за излез од НАТО, тој постојано ги повикува европските нации да ги зголемат трошоците за одбрана, предупредувајќи дека САД не треба сами да го носат финансискиот товар на алијансата (некогаш придонесуваа со 22%, денес со 16% во буџетот) . Неколку дена по неговата инаугурација, Трамп рече дека не е сигурен колку е паметно американското трошење за НАТО бидејќи алијансата ги штитела другите а не САД.

Неодамна Трамп ја пушти идејата за 5 процентно издвојување од БДП за НАТО за што на Европа ќе ѝ требаат нови 875 милијарди евра годишно (види: Наместо за иновации, ЕУ ќе наоѓа пари за воени потреби)

Само 23 од вкупно 32 членки на НАТО лани ги задоволиле насоките да издвојуваат за одбрана барем по 2 отсто од својот БДП.  И ние, јадните, сме меѓу „одличните“. 

Маск претходно има спомнато дека премногу пари се даваат и за ОН. Последната фискална година, американскиот Конгрес одобри 1,54 милијарди долари за основниот буџет на Организацијата а се финансираат и други ОН ентитети.

 

2 март 2025 - 20:37