Машинеријо, каде со овие боледувања?

Германија е прогласена за „светски шампион во боледувања“ од најголемата осигурителна компанија во земјата според чии математики Германецот во просек зема 20 дена боледување годишно.

Сите овие денови за боледување кога ќе се соберат на куп ги чинат германските работодавци 77 милијарди евра платени за луѓе да боледуваат по дома. Во овие пари се вклучени и 19 милијарди евра од парите на здравственото осигурување, што е 6% од парите од вкупните трошоци на социјално во земјата.

Германскиот просек е далеку повисок и од просекот во остатокот од ЕУ кој е само осум дена годишно.

Осигурителната компанија ДАК објаснува дека кај Германците се забележува посебен скок во земањето боледување по 2022, што тие делумно го објаснуваат со растот на настинки и ковид случаи.

Моментално Германците имаат право на 6 недели целосно платено боледување годишно.

Еден од предлозите за решавање на епидемијата на боледувања, е враќање на системот кој беше укинат во 1970, кога работниците остануваа без плата уште на првиот ден од боледувањето освен ако за тоа не донесат белешка од доктор.

Германија беше единствената членка на Г7 чија економија се намали во 2023, а ММФ проценува дека таа ќе има најлоши резултати меѓу членките на групата и во 2024, за кога се очекува да има нула проценти раст.

27 јануари 2025 - 10:53