К'смет во седиштето 11А

Навистина е големо чудо како британскиот патник го преживеал уривањето на авионот во Индија, но тоа нема врска со местото во кое седел во кабината, тврдат експерти. Едноставно имал к'смет. Исто како и стјуардесата на ЈАТ Весна Вуловиќ, која пред половина век преживеа пад од десет километри. Чудото од Индија сепак ќе поттикне многу патници да го резервираат седиштето 11А.

Британецот Вишваш Кумар Рамеш е единствениот од 242-та патници што го преживеа уривањето на авионот на „Ер Индија“ во Ахмедабад во првите секунди од летот до Лондон. Авионот не достигна ни височина од 200 метри, се урна во зграда и експлодираше.

Додека сите други загинале на место, Рамеш самиот излегол од трупот. Брзата помош го пронашла како поткривнувајќи оди по улица. Згрижен е во болница и е во подобра здравствена состојба отколку што се чини на фотографиите.

Триесетина секунди откако летнавме имаше силна бука и авионот се урна. Сè се случи многу брзо, кажал Рамеш.

Тој бил врзан со појас на седиштето 11А, позиција од левата страна на Боингот 787 „дримлајнер“, веднаш до вратата за излез. Патниците таму имаат поширок простор и можат да си ги протегнат нозете, но експертите велат дека местото не важи за едно од посигурните. Како побезбедно го посочуваат она веднаш спроти, резервирано за стјуардесите, чија основна задача во авионот е во случај на незгода да ги отворат вратите и брзо да ги евакуираат патниците.

Спроведени се многу испитувања кое место е најбезбедно во авионите и нема универзален одговор.

Сè зависи од динамиката на ударот и од конструкцијата, објаснува Даниел Кваси Аџекум, истражувач за безбедност во воздухопловството на Универзитетот во Северна Дакота.

Податоци од Федералната администрација за воздухопловство во 2015 година покажаа дека задната третина од авионот има најниска стапка на смртност при несреќи. Во период од 35 години, статистички најголем бил ризикот за патниците покрај коридорот во централниот дел од кабината, со смртност од 44%.

Истражување на Универзитетот Гринич од 2008 година покажува дека петте реда најблизу до излезите ги зголемуваат шансите за преживување од проста причина што овие патници први се евакуираат. Тоа е особено важно при несреќи со помала енергија и со низок агол на удар, на пример кога авионот ќе се излизга од пистата при слетување.

Во случаи кога авионот се преполовува, побезбеден е задниот дел, кој трпи помала кинетичка енергија. Тоа се покажа во случајот од уривањето на авионот на југословенската авиокомпанија ЈАТ во 1972 година над тогашна Чехословачка. Авионот експлодирал во воздух, се распаднал на три дела, но стјуардесата Весна Вуловиќ преживеала пад од 10.160 метри. Запишана е во Гинисовата книга на рекорди.

Вуловиќ била врзана за своето седиште на крајот од кабината, кое по експлозијата останало поврзано со опашката на авионот и паднало на снежна падина кај местото Српске Каменице. Имала скршеници, 27 дена била во кома, привремено била парализирана под појасот, но закрепнала, по неколку месеци проодела и продолжила да работи за ЈАТ во канцеларија. Почина неодамна на возраст од 66 години.

И покрај катастрофата во Индија, експертите тврдат дека авионскиот сообраќај останува најбезбеден за патниците. Ризикот во комерцијалните летови е 1 смртен случај на 13,7 милиони патници, според студија од 2024 година. Во дури 94% од авионските несреќи во периодот од 2001 до 2017 година не загинал ниту еден патник.

13 јуни 2025 - 11:23