Колумбија рекордно ги поместува линиите

Што сè не направија и колумбиските власти и странските служби и меѓународната заедница за да го зауздаат производството на кокаин, па сепак во земјата постојано се рушат рекордите во илегалното производство. Едно време и прскале за да ги уништат плантажите, за потоа да им се каже дека од прсканото луѓето добиваат рак.

Наместо забавување, производството на кокаин во оваа јужноамериканска држава повторно доживува бум. Проценките на ОН велат дека во 2017 година, површините засадени со кока, главниот елемент во наркотикот, биле зголемени за 17% во однос на претходната година. Исто така според проценки, од актуелната површина на која се одгледува кока може да се произведат 1,520 тони кокаин, што е зголемување за 31% во однос на 2016. 

Со овие цифри Колумбија останува светски лидер во производството на кокаин а САД остануваат најголем консумент на нивниот производ.

Како дел од мировниот договор со бунтовничките групи во 2016 година беше предвидено државата да им помогне на селаните да се префрлат од одгледување кока на легалните какао и кафе, но тоа дава слаби резултати.

На локалниот пазар овој производ има вредност од 2,7 милијарди долари што комплетно ги еродира институциите и ги прави подложни на корупција. Своевремено во земјата се спроведувало прскање со глифосати за да се уништат плантажите на кока но во 2015 таа програма се укинува откако Светската здравствена Организација ги предупредиле дека таа хемикалија може да предизвика рак кај луѓето.

20 септември 2018 - 15:12