
Кинескиот премиер Ли Чијанг свечено го отвори почетокот на изградбата на Мотуо - новата најголема хидроелектрична брана во светот. Ја опиша како „проект на векот“. Во изградбата Кина вложи 1.200 милијарди јуани (167 милијарди долари), но се очекува оваа сума уште повеќе да се зголеми со текот на изградбата.
Браната на долниот тек од реката Јарлунг Цангпо на територијата на Тибет ќе собира и ќе дозира вода за пет каскадни хидроцентрали, кои заедно ќе генерираат околу 300 милиони мегават-часови електрична енергија. За споредба, хидроцентралата Три Клисури, која сега е најголема во светот, генерира 88,2 милиони мегават-часови.
Како идеална локација за браната е избран кањон, за кој се вели дека е најдлабокиот и најдолгиот во светот. Таму Јарлунг Цангпо прави остар полукруг околу планината Намча Барва, спуштајќи се стотици метри. Проектот опфаќа и пробивање тунели под планината во должина од 20 километри заради пренасочување на дел од реката.
Државните медиуми го промовираат проектот како „решение од кое сите добиваат“. Се намалува загадувањето, се генерира чиста струја, се задоволуваат енергетските потреби на Тибет со чиста струја и се отвораат нови работни места. Вишокот струја ќе се префрла кон исток за напојување на индустриските центри.
Проектот предизвика загриженост во Индија и во Бангладеш, бидејќи браната ќе ѝ овозможи на Кина да го контролира течението на Јарлунг Цангпо, која ги полни со вода реките Сијанг, Брамапутра и Џамуна.
Контролата на браната е егзистенцијална закана за нашите народи и средствата за живот. Сијанг и Брамапутра би можеле да пресушат. Кина би можела да го искористи хидропотенцијалот и како „водена бомба“. Ако одеднаш испушти вода, целиот појас Сијанг би бил уништен, предупреди Пема Канду, премиерот на индиската држава Аруначал Прадеш.
Индија планира да изгради сопствена брана на реката Сијанг, која би амортизирала ненадејни испуштања на вода.
Кина има десетици илјади хидроцентрали, многу повеќе од која било друга земја. Почетокот на изградбата на Мотуо се поклопува со новиот извештај од Харвард дека водената маса концентрирана во вештачките езера на најголемите брани во светот ја изместиле земјината оска на ротација за околу 1 метар. Поради намалениот проток на водата од реките во морињата, нивото на океанот се спуштило за 21 милиметар и продолжува да се спушта за по 1,2 милиметар годишно.