Кинеската армија има 1:1 реплика на тајванската претседателска палата, за вежбање

Во најголемиот воен полигон во Кина, кинеската армија има изградено верна копија на добар дел од центарот на Тајпеј, вклучувајќи ја и претседателската палата на Тајван и министерството за надворешни работи. Намената на овој комплекс е тренинг и обука на кинеската војска.

Се работи за тренинг базата Зурихеи на северот на Кина, која освен копија на центарот на Тајпеј, има и реплика Ајфелова кула, аеродромска писта и американски модел на автопат. Во базата се сместени и посебни единици на кинеската армија, познати под името „Сината армија“, чија главна задача е да бидат непријателот во сите тренинг сценарија што се одвиваат во базата.

Базата е основана 1957 и оригинално служи како полигон за тенковска обука. Тоа трае цели 4 децении, пред кинеските власти да решат да ја трансформираат во „мултифункционален првокласен објект што би ја подготвиле нивната армија за хај-тек битките на иднината“.

„Кинеските лидер внимателно ја следеа блескавата воена победа на САД против Ирак за време на Првата заливска војна во 1991 и почнаа да ја преиспитуваат адекватноста на опременоста и обуката на сопствените единици.

Во 1996, тогашниот претседател на САД, Бил Клинтон, испрати пар ударни групи на носачи на авиони да запловат низ Тајванскиот теснец како реакција на растечката криза меѓу властите во Пекинг и Тајван. Ова се смета за клучен настан кој придонесе до последователната одлука на Кина да започне масовна модернизација на својата војска, која вклучуваше и проширување на Зурихеи,“ пишува Џозеф Тревитик во Драјв.

Во целиот овој масовен апгрејд на армијата и базата Зурихеи, се верува дека копијата на тајванската претседателска палата е завршена кон крајот на 2014.

Копијата
Копијата

Оригиналот
Оригиналот

Она што се забележува на сателитските снимки од местото е дека во влизина на касарните има над 20 кошаркарски игралишта.

„И покрај западното потекло, Кинеската комунистичка партија и посебно армијата, со децении активно ја промовираат кошарката како спорт. Како резултат на ова кинеските воени бази се станати лесни за идентификување по присуството на кошаркарски терени,“ пишува Тревитик.

3 јуни 2020 - 11:01