
Храброст, а и малку лудост. На 10-ти јули Вардар го изигра првиот натпревар со Ла Фиорита и исходот беше јасен. Една недела подоцна, реванш на гостински терен во Сан Марино. Летен период, сезона на одмори, зафатени и ред други обврски.
Сè тоа падна во сенка и отидовме на пат каде имаше 25 часа пат со автобус и 1.500 километри во еден правец.
За мене прво интернационално гостување. Досега сум бил со Комити во Битола, Кратово, Кавадарци, Струмица. Но во странство ова ми беше првпат. Поинаква енергија, одбрана екипа, повеќе дружба, но и повеќе умор.
За ситуацијата по пат можам да напишам цел ферман, но во кратки црти: нови познанства, заедничка дружба на сите од најмал до највозрасен, пиво, влечкање по граници, смеење и спиење.
Интерни шеги кои се провлекуваат цел пат, но и на repeat неколку песни како: „Не ме чекај мајко“ и „Глас се слуша, плач и лелек“.
Кога стигнавме во Римини плажата ни беше утеха за патот. Едвај чекавме да се испружиме на ситниот песок и да уживаме на сонцето. На плажа се најдовме со останатиот дел од екипата кои одеа со авион или коли. А таму?
Мноооогу пиво, запознавање и кратка обиколка на градот. Факт е дека одењето со навивачка група не е средношколска екскурзија, па мора да се биде внимателен за повеќе работи. За среќа немаше никакви проблеми.
Стигнавме во Сан Марино и на стадионот ГРМЕВМЕ. Бројка од 120 + луѓе сплотени како едно со иста визија, иста страст и иста лудост. Преморени од патот, но со вишок енергија кога во прашање е навивањето.
Кога ќе излезе видеото ќе сфатите што ви зборам. Навивање со сите салтанати: бодрење на клубот, пиротехника, скандирања итн.
И сè од свој џеб. Ни денар од Миленко, ни цент од Управа. Тие не само што не ни помогнаа, туку ни даваа и забрани. Дури и на фудбалерите им забранија да дојдат кај навивачите по натпревар.
Целосно од свој џеб. Затоа ова не е само авантура. Ова е сведоштво. Како што беше ракометот во Вараждин зимоска, или Букурешт пред неколку години на ЕП.
Ваквите спортски настани имаат енергија која ретко кој ја сфаќа. Како и да е... „Каде одите, ние со вас сме, напред Вардаре“!
Боемот 2.0