
Кога Доналд Трамп ги зголеми тарифите за кинески стоки на 20 отсто минатата недела, кинеското Министерство за надворешни работи одговори дека е подготвено за царинска, трговска или каква било војна: „Кина ќе се бори до крај“. Одговорот е прилично благ за кинеските стандарди.
Пекинг не изгледа многу загрижен за вториот мандат на Трамп. Искусен кинески политички аналитичар вели дека политичките мислители во Пекинг го гледаат Трамп како „не полош од Џо Бајден“. И кинеската јавност изгледа релаксирана. Анкета на Европскиот совет за надворешни односи покажа 34% од Кинезите го поздравуваат мандатот на Трамп, а на уште 21% не им пречи. (Ова би сугерирало дека Трамп моментално би поминал подобро на избори во Кина отколку во Калифорнија). Ни тарифите не е толку страшни, бидејќи Кина се движи кон поавтономна економија.
Друга причина зошто Кинезите не се вознемирени од Трамп е тоа што тие веруваат дека отвора повеќе простор за Кина преку дистанцирањето од европските, а можеби и од азиски партнери. Германските автомобилски компании, на пример, би можеле да соработуваат со кинески фирми, ако им биде недостапен американскиот пазар. Бегањето на Америка од зелената технологија исто така отвора простор Кина да продава соларна и ветерна опрема на Глобалниот југ.
Кинезите чувствуваат дека веќе ја сретнале сортата на Трамп. Некои ги опишуваат неговите брзи промени во домашната политика како „Американска културна револуција“.
Во оригиналната кинеска верзија, врховниот лидер ја растури сопствената партија одвнатре, побара од луѓето да отфрлат сè од минатото како „стара култура“ и да им даде моќ на 19-годишниците да им држат лекции на постарите за праведно политичко однесување. Ги споредуваат федералните службеници во САД со „демонските крави“ и „духовите“ што беа цел на Црвената гарда на Мао, забележува британскиот историчар Рана Митер, професор по политика на модерна Кина на Универзитетот во Оксфорд.
Ако постои некој елемент од новиот режим на Трамп што загрижува некого во Пекинг, тоа е идејата за „обратен Никсон“, која се шири во одредени кругови во Вашингтон. Теоријата вели дека со приближувањето кон Русија, САД ќе обезбедат мир на Украина, а потоа ќе соработуваат со новите партнери во Москва за да го притиснат Пекинг. Државниот секретар Марко Рубио неодамна за Брајтбарт кажа дека би било мудро САД да избегнат конфронтација со цврст кинеско-руски сојуз така што ќе ѝ се приближат на Русија. Тоа во Пекинг се толкува дека „пријателството без граници“ помеѓу претседателите Ши и Путин од 2022 година веќе е стара вест и дека партнерството е прагматично, а не идеолошко.
Сепак, 2025 не е 1972 година. Тогаш Советскиот Сојуз и Кина беа пред војна. Се чини дека Ши и Путин сега имаат вистинска соработка. Дури и ако Трамп значително ѝ се приближи на Русија, аналитичарите во Москва и Пекинг нема да заборават дека следниот претседател би можел да тргне во спротивна насока. Ниту, пак, е јасно каква материјална или стратешка придобивка би имала Русија ако ѝ сврти грб на Кина. Соседската расправија не им послужи добро ниту на Мао ниту на Брежњев. Ши и Путин веројатно нема да ја направат истата грешка, вели Митер.
Друга неизвесност е Тајван. Притисокот што во моментов се врши врз Украина да ѝ отстапи територија на Русија создава нервоза во Тајпеј. Потегот на Трамп во Украина нема нужно да ја направи поверојатна кинеската инвазија на Тајван. Амфибиски напад врз островот би бил тежок, без оглед на политиката во Вашингтон. Поголем успех за Кина може да има економскиот притисок, со оглед на тоа што 80% од фирмите на островот се поврзани со копното.