Кина менува

Минатата недела Кина имаше сериозен состанок околу реформите. Од тоа излегоа две работи: прво, ќе се олабави правилото за едно дете, и второ, се укинуваат работничките кампови за "ре-едукација" на политичките затвореници.

Агенцијата Ксинуа објавува дека владата во иднина ќе дозволи брачните парови да имаат по две деца, меѓутоа само ако едниот од партнерите бил единствено дете.

До сега законот од крајот на 70-те, им дозволуваше на паровите од урбаните средини да имаат само по 1 дете, додека оние од руралните можеа да имаат и второ дете доколку првороденото е женско. Се смета дека оваа политика има спречено околу 400 милиони породувања.

Втората работа што ја укина кинеската влада се поправните кампови за политичките затвореници, кои беа отворени некаде во 50-те години од минатиот век.

Во нив затворениците можат да бидат држени и 3 до 4 години без никакво судење, а низ земјата има околу 300 вакви кампови.

Луѓето кои беа испраќани во овие кампови се обвинети за најразлични дела од проституција до дисидентство. Меѓу случаите кои сериозно ја потресоа Кина, беше и 18-месечното затворање на една мајка, заради тоа што упорно барала поостра казна за мажите кои ја киднапирале и силувале нејзината 7-годишна ќерка.

Меѓу методите кои се користеле за "ре-едукација" во камповите се и:

- големото висење - затвореникот виси од таван заврзан со лисици за рацете и нозете.

- мала соба - затвореникот го чуваат во самица без никаков прозор, во која мора да прават се, вклучувајќи го и вршењето нужда.

- кревет на смртта - железна или дрвена табла на која ги врзуваат затворениците кои се обидуваат да држат штрајк со глад. На таблата има и дупка наменета за вршење нужда.

- тигарска клупа - затвореникот е врзан за метална клупа која е направена неговите нозе да бидат свиткани нагоре. Ако затвореникот мрда или се обиде да избега, лисиците се стеснуваат.

16 ноември 2013 - 16:27