Ова е прв пат Кличко да го критикува Зеленски во речиси две години војна против Русија, и покрај тоа што пред војната двајцата беа сериозни противници.
„Во еден момент повеќе нема да бидеме ништо поразлични од Русија, каде сè зависи од желбите на еден човек,“ изјавил Кличко во интервју за Шпигел.
Кличко кој е градоначалник од 2014 во интервјуто ги пофалил своите колеги градоначалници и регионални гувернери, за тоа што не дозволиле Украина да падне во авторитарност.
„Моментално постои само една независна институција, но врз нејзе се врши голем притисок: локалната власт,“ изјавил поранешниот светски шампион во бокс.
Тој тврди и дека Зеленски станал изолиран и дека двајцата повеќе не разговараат директно, иако нивните канцеларии се физички блиску.
Во одделно интервју за швајцарскиот сајт 20Минутс, Кличко го обвинува Зеленски дека ја лаже јавноста на украинскиот напредок во војната. Кличко повеќе се согласува со генералот Валериј Залужниј, кој минатиот месец изјави дека војната заглавила, откако контраофанзивата не успеала да го зададе одлучувачкиот удар.
„Залужниј ја кажа вистината. Некогаш луѓето не сакаат да ја слушнат вистината... Секако, ние можеме еуфорично да ги лажеме нашите луѓе и нашите партнери. Но тоа не може вечно да трае. Дел од нашите политичари го критикуваат Залужниј за тоа што отворено зборуваше - тоа е погрешно. Јас го поддржувам,“ изјавил Виталиј.
Тој на Зеленски му ја препишува и вината дека премногу долго ја негирал можноста дека Русија ќе нападне, заради што Украина била недоволно подготвена на почетокот од војната.
И покрај критиките Кличко во интервјуто за Шпигел не бара оставка од Зеленски:
„Претседателот денес има важна улога, и ние мора да го поддржуваме до крајот на војната. Меѓутоа на крајот од оваа војна, секој политичар ќе плати за своите успеси и неуспеси.“