Конкретната пресуда е затоа што Медиасет на Берлускони купувала авторски права за американски филмови преку обемна мрежа на офшор компании, а потоа лажно ги наведувала трошоците како сопствени за да избегне плаќање даноци. Компанијата исто така ги напумпала трошоците за ТВ правата за филмовите, а потоа внатрешно ги ре-лиценцирала во Медиасет, со вкупна разлика во цена од 250 милиони евра.
Целиот случај се влече 6 години, а едно од оправдувањата на Берлускони зошто не може да се појави во суд беше "Имам држава за водење."
И покрај се, Берлускони најверојатно ниту за овој случај нема да отслужи ниту ден. Казната веднаш му беше намалена од 4 на 1 година заради пренатрупаност на затворите, а и пред да дојдат на ред овие година дена, пресудата треба да мине два апелациони судови пред да биде финална.
Берлускони во неколку претходни пресуди против него (1990-та, 1996-та и 1997-ма) го искористи правото на две жалби за да го пролонгира извршувањето на казната, со тоа што заради спороста на апелационите судови неговите случаи беа прогласени за застарени. За сегашниот случај, рокот на застарување е во текот на следната година.
Плус треба да се има во предвид дека поранешниот италијански премиер има 76 години.
И сето ова се однесува само на еден единствен случај, додека за се останато што направи, "човекот што уништи цела држава" (Економист - јуни 2011.) најверојатно никогаш нема да дојде на ред да одговара.