Како тоа островските нации растат, нели ќе „потонеа“ во морето?

Малите островски нации, за кои се прогнозираше дека ќе потонат поради климатските промени и кревањето на нивото на морето, всушност се развиваат. Им се зголемува површината, населението, коралните гребени, а со тоа и туризмот и приливот на пари. Признаваат дека климатските промени се проблем, но воопшто не се плашат од исчезнување и вложуваат во долгорочни проекти.

Тувалу, Кирибати, Малдивите и низа други мали островски нации тонат само во црните прогнози во кои се предупредува на апокалиптично кревање на морското ниво предизвикано од климатските промени. Во реалноста, многу од овие архипелази не само што не потонале, туку и ја зголемиле својата површина, па и бројот на островите.

Зголемувањето на населението е спротивно на наративите за масовни бегалски бранови. Покрај тоа, засилените активностите на нивните влади и приватни индустрии, како зајакнувањето на инфраструктурата и комерцијалниот развој, сугерираат дека и островјаните веруваат дека уште долго ќе постојат и ќе напредуваат, дури и при реален ризик од умерено кревање на морското ниво. 

Кревањето и таложењето на песокот на бреговите всушност придонеле Тувалу, Кирибати, Малдивите и Маршалските Острови да ја зголемат својата површина. Научниците од Универзитетот во Оукленд открија дека коралните атоли на пацифичките земји Маршалски Острови, Кирибати и на Малдивите во Индискиот Океан ја зголемиле својата копнена база за 8 до 10% во текот на изминатите 60 години. Неодамнешна рецензирана студија покажа дека осум од деветте големи корални атоли на Тувалу пораснале во изминатите неколку децении, а се зголемиле и 75% од стоте гребенски острови. 

Малдивите сè уште ги имаат своите 1.196 острови, за кои „Канбера тајмс“ пред 30 години тврдеше дека сите досега ќе бидат под вода. Населението на Малдивите двојно се зголеми во текот на изминатите 20 години, што укажува дека луѓе се доселуваат, а не бегаат од катаклизма. Малдивите всушност прифаќаат политички бегалци и не извезуваат климатски емигранти. 

Низа студии во етаблираните журнали како Nature, GeoScience World и Phys.org ги објаснуваат процесите што им овозможиле на толку многу островски земји да ја задржат својата површина, наспроти предупредувањата од климатски активисти дека ќе потонат. 

Секоја од островските нации за кои „Индипендент“ пред две недели тврдеше дека се загрозени од исчезнување поради „покачувањето на морињата, посилните бури, недостигот на слатка вода и оштетената инфраструктура“ всушност ја прошириле инфраструктурата и во изминатите неколку години имале долгорочни и големи инвестиции. Градењето нови јавни згради и патишта, луксузни хотели и туристички центри и развојот на водните ресурси не укажува на земји што се плашат од скоро исчезнување.

Климатските промени се навистина сериозен проблем, но не веруваме дека Кирибати ќе потоне како Титаник, забележа претседателот на Кирибати, Аноте Тонг, на Конференцијата за климата во 2019 година во Германија.

Тонг притоа забележа дека странски инвеститори развиваат еколошки одморалишта со 5 ѕвездички што би овозможиле првокласни искуства за нуркање, риболов и сурфање на острови што тогаш уште не биле населени. 

******
Види и: Не, морињата не растат
Морињата биле и три метри повисоки од сега

12 септември 2025 - 12:22