Њујорк тајмс дава пример со Розанжела Аражуо, поранешната директорка на државно училиште, која на 44 години решава дека доволно работела и во 5-та деценија се повлекува со полна пензија.
Нејзиното објаснување е дека во тој момент имала "одлични погодности на располагање." Статистичкото објаснување е дека државната пензија на Розанжела изнесува околу 1.000 долари, што е 5 пати повеќе од најниската загарантирана плата.
Токму пензиската криза е еден од клучните столбови на немирите во Бразил, со тоа што Дилма Русеф е една од оние кои се залага против каква било промена на пензискиот систем. Месецов и Сојузниот сметководствен суд донесе одлука дека бразилската претседателка го прекршила законот со тоа што користи средства од државните банки за покривање на минусот во буџетот.
"Замислете ја Грција, но во далеку поголеми и побезумни размери," ја објаснува целата ситуација Пауло Тафнер, економист и водечки експерт за бразилскиот пензиски систем.
Бразил моментално го минува најостриот економски пад во последните неколку децении, што заради намалувањето на работните места и придонеси во пензиските фондови, само ги презакажа апокалиптичните предвидувања за катастрофален дефицит од 2030-та на 2017-та.
Ова се должи на некои општествени фактори, како зголемување на животниот век за речиси 12,5 години (2013-та во споредба со 1980-та) и намалувањето на наталитетот. Сепак најголемиот удел во проблемите го има дарежливиот пензиски систем, заради кој Бразилците релативно млади се пензионираат бидејќи државните пензии им се исти со дотогашните полни плати.
"Бразил има три јасни можности за да спречи преголемо зголемување на пензиските давачки. Може да ги зголеми придонесите, да ја помести границата на пензионирање или да ги намали пензиите," објаснува експертот за пазар на труд во банката Интер-Американ Девелопмент, Маријано Бош.
Од сојузите на пензионери не сакаат да чујат за ништо од ова, и не ни помислуваат на каква било интервенција во досегашните правила.
"Не е фер да се тераат пензионерите да ја платат сметката. Зошто не ја повикаат економската елита да поднесе жртва," прашува 63-годишниот Жоао Пимента, некогашен директор на здружението на мали трговци, кој се пензионирал на 49 години.