Наспроти официјалната верзија што ја соопшти Путин, дека во авионот била активирана рачна граната, истрагата на Вол стрит журнал покажала дека се работи за 2-месечен план организиран и раководен од еден од најстарите и најблиски соработници на Путин, Николај Патрушев, кој до сега не беше споменуван во врска со смртта на Пригожин.
Извор на ВСЖ од европски разузнавачки служби кој цело ова време одржува контакти со Кремљ, изјавува дека по смртта на Пригожин пораката што ја примил од таму била „мораше да биде отстранет.“
Самиот Патрушев е еден од луѓето од најтесниот круг на Путин кој и пред обидот за пуч во јуни годинава, го предупредува рускиот претседател дека Москва премногу се потпира на Вагнер во Украина, што на нивниот основач и сопственик му дава сериозна политичка и воена тежина.
Опишувајќи го Патрушев како човекот кој ги влече сите конци во Русија, ВСЖ пишува дека тој постојано напредува низ безбедносните структури вршејќи ги сите задачи добиени од Путин, без разлика на тежината.
Иако војната во Украина почна со јавно „влечење за уши“ на Патрушев од Путин и товарање на првичните неуспеси на руската армија на негов грб, тој успева да го издигне својот статус во Кремљ и, посебно по смртта на Пригожин, се смета за еден од потенцијалните наследници на Путин.
Патрушев слично ја почнува кариерата како Путин. Влегува во КГБ во 1970-те, во Ленинград, и останува во служба за време и по распаѓањето на СССР, за разлика од бројни свои колеги кои решаваат да се префрлат во приватен сектор. Тој важи за „трезен“ бирократ, кој се потпира на „дневни извештаи за светот од руските тајни служби“.
За разлика од Путин, Патрушев сакајќи или не е склон кон теории на заговор и не се срами јавно да ги сподели, како онаа од почетокот на 2023 дека САД планираат да ја освојат Русија бидејќи заради масовна вулканска ерупција во Вајоминг повеќе нема да може да се живее во Америка.
Кога Јелцин го назначува Путин за премиер во 1999, Путин го препорачува Патрушев како своја замена во ФСБ. Патрушев е одговорен за целосното осмислување на ФСБ, а тој, исто како и Путин, верува дека „само силни безбедносни служби можат да ја направат Русија силна“.
Во судирот во Украина, успесите што ги имаа платениците на Пригожин беа очигледна спротивност на крахот на руската армија во првите месеци од војната. Напредокот и подемот на Пригожин почнуваат да го загрижуваат Патрушев, уште пред воопшто основачот на Вагнер да започне отворено да ги критикува и прозива највисоките руски воени власти.
ВСЖ пренесува изјава на поранешен руски функционер кој работи и со Путин и со Патрушев, кој објаснува „сите му велеа на Путин дека е грешка да се има паралелна армија. Кога тој секој ден му плука во лице на военото раководство и ти имаш проблем.“
Предупредувањата на Патрушев за Путин главно остануваат неодговорени бидејќи во тоа време само единиците на Вагнер имаат некој поголем успех во Украина. Сето ова се менува по еден телефонски повик кога Пригожин дрско му се жали на Путин дека му фалат залихи за неговите војници, кои гинат во голем број.
Телефонскиот повик се случува во октомври пред канцеларија полна со други луѓе, кои слушаат како поранешниот готвач го укорува претседателот. Меѓу нив е и Патрушев кој подоцна го користи овој разговор како причина зошто Путин треба да се дистанцира од Пригожин.
Веќе во декември Пригожин е игнориран од Путин, кој веќе не му одговара ни на повици, а шест месеци подоцна, Кремљ ги објавува своите планови за растурање на Вагнер силите во Украина, наредувајќи им на членовите да се регистрираат во руското министерство за одбрана.
Во петок на 23 јуни 2023, Пригожин го започнува својот бунт, собирајќи ги своите 25.000 војници и опрема, и тргнувајќи кон Ростов-на-Дон. Таму, без борба, го запоседнува штабот на руската јужна воена област. Планот му е таму да се конфронтира со Герасимов и Шојгу, кој е во Ростов на состаноци, но успева да замине пред доаѓањето на Пригожин.
Тогаш Пригожин испраќа колона тенкови и војници кон Москва.
Според западни разузнавачи, во тоа време Путин е во својата вила далеку од Москва и целата работа му е предадена на Патрушев, кој организира лавина телефонски повици до Пригожин да го убедат да се повлече.
Патрушев разговара со офицери наклонети кон Пригожин да се обидат да го откажат. Пет телефонски повици од Кремљ кон Пригожин остануваат неодговорени, а се вмешуваат и владите на Казахстан и Белорусија во обид да ги смират двете страни. Од сето ова само Лукашенко успева да стигне до Пригожин и низ серија разговори да го убеди да се откаже а во замена тој и неговите војници да можат да постават камп во Белорусија.
До саботата вечер, бунтот на Пригожин застана, а неговите војници кои тргнаа на Москва се вратија назад во своите кампови да се пакуваат за Белорусија. Пригожин го снема од социјалните мрежи.
Од тогаш се до неговата смрт малку кој веруваше дека Пригожин ќе остане жив.
По бунтот Москва го остава Пригожин слободно да продолжи со своето делување и бизнис. Тој без проблеми патува во Африка, а неговата компанија во Санкт Петерсбург продолжува да работи. Се смета дека Пригожин е оставен на слобода и жив за Москва да има време да открие што точно се случило.
Патрушев веќе на почетокот од август ја дава наредбата за подготовка на атентатот на Пригожин. Плановите наводно му биле покажани и на Путин и одобрени.
„Неколку недели подоцна, по неговата тура низ Африка, Пригожин чека на аеродромот во Москва додека инспекторите за безбедност ја завршуваат проверката на авионот. За време на ова кратко одложување на летот под крилото е ставена мала бомба.
Авионот полетува по 17 часот и достигнува висина од 28.000 стапки. Но по нешто повеќе од половина час, авионот одеднаш губи висина и паѓа во близина на селото Куженкино. Видеа од сведоците покажуваат дека по експлозија, од небото паѓа авион без едно крило.
Во рок од неколку дена руските медиуми објавија дека ДНК тестовите потврдуваат дека Пригожин загинал во падот. Со него загинуваат уште девет други, вклучително и главниот командант на Вагнер, Дмитри Уткин, уште еден соработник на Вагнер, двајца пилоти и 39-годишна стјуардеса,“ пишува Вол стрит журнал.