Гласачкото тело во суштина е инертно и сака да гласа за нешто што му е познато. Последен пат кога постоечки претседател изгубил во втората трка беше во 1992 година кога Буш постариот му ја предаде Белата куќа на Бил Клинтон.
Но тоа се случи во време на рецесија и зголемување на даноците, додека Трамп ужива во стабилен раст, рекордни берзантски вредности и најниска невработеност во последната половина век. Околу 56% Американци го одобруваат начинот на кој Трамп ја води економијата и тоа е најсилниот рејтинг по тоа прашање откако стапи на функција.
Овојпат Трамп ќе настапи со потенцијално смртоносна комбинација: од една страна неговиот брутален табиет распослан на Твитер а од друга, клинички ригорозно собирање податоци за гласачите за да бидат поефикасно мобилизирани.
„Ако неговата прва кампања изгледаше како авион кој се прави во лет, овојпат таа ќе ја има моќта на Air Force One“, пишува Дејвид Смит за Гардијан.
Ако во 2016-та против Хилари Клинтон Трамп изгледаше како герилец, сега ја има целата Републиканска партија зад себе. Нивната централа само во 2019 година од донации има обезбедено 464 милиони долари, 200 милиони повеќе отколку што имаше Обама во 2011 година. Оттука, јасно е зошто за Супербол, екипата на Трамп ќе пушти спот кој ќе ги кошта 10 милиони долари.
Партијата има и 400 луѓе кои веќе се ангажирани во 18 таргетирани држави. Со софистицираната операција на собирање податоци оркестрира Бред Парскале кај кого се слеваат сите можни детали за секој поддржувач кој донирал, купил капче или бил на митинг.
Досегашните спотови на Трамп му се едноставни и брутално ефикасни. Трамп во нив се портретира како но-булшит врховен командант и лидер кој гради ѕидови, поставува врховни судии, елиминира терористи додека неговите противници се занимаваат со циркусот наречен импичмент.
Профилирани се и противниците: ако е Бајден ќе го маваат за возраста и за синот со неговите бизниси во Украина. Ако е Сандерс или Ворен, ќе се портретираат како радикални левичари кои можат да го доведат американскиот просперитет во ризик и истовремено ќе се потсетува на социјалистичкиот крах во Венецуела.
Сосема е можно Трамп и овојпат да освои помалку гласови но да го добие вториот мандат благодарејќи на успесите во клучните држави.