Како Кинезите ја хакнаа лотаријата за регистрации

Пекинг има 12 милиони жители (замисли!!!) од нив 7,5 милиони се возачи. Затоа што тоа е неиздржливо за која било инфраструктура, од 2011-та регистарските таблички во градот се добиваат по основа на лотарија (на која според локалните сеирџиски муабети е потешко да ти се падне отколку на вистинската лотарија). Сега стана уште потешко.

Минатиот месец локалните власти објавија дека за една третина ќе го намалат бројот на регистарски таблици што ќе ги издаваат на лотарија. А од следната година, со цел намалување на загаденоста од сообраќајот, лотариите ќе се одржуваат секој втор месец, наместо секој месец како до сега.

На толку народ, некој откри дупка во системот за да добие таблици без чекање на лотаријата.

Едниот излез е да потрошиш 250 долари повеќе за регистарска таблица и да добиеш бројче од градот Жуожоу од провинцијата Хебеи, кој е на еден час возење од Пекинг. Тука лошата страна е што во периодите на најголема гужва во градот со овие таблици не смееш да влегуваш во центарот, бидејќи во тој период таму е дозволено само за возилата регистрирани во Пекинг.

Втора опција е да изнајмиш таблици од жителите кои успеале да соберат дополнителни регистарски таблички пред да почне лотаријата во 2011-та. Нивната цена е околу 250 долари месечно. Во август беше уапсена една жена која изнајмувала над 1.000 регистарски таблички.

Некои продавачи на половини автомобили, за 30% од цената на автомобилот нудат да ти го дадат возилото со таблиците на претходниот сопственик. Тука проблемот е што таблиците не можат да се префрлат на нов сопственик, па автомобилот се уште останува запишан на име на човекот од кого го имаш купено.

6 декември 2013 - 16:43