Како најголем увозник на нафта од Персискиот залив, Кина беше најтешко погодена од војната што САД и Израел му ја објавија на Иран. Техеран го блокираше Ормускиот проток низ кој до крајот на февруари поминуваше 20% од глобалната трговија со нафта и гас. Дури 45% од суровата нафта и една третина од течниот природен гас пловеа кон Кина.
Но, Кина избегна енергетска криза, затоа што одамна се подготвувала за такво сценарио. Според пресметките на врвниот енергетски аналитичар Хавиер Блас, Кина го намалила својот дневен увоз на нафта од танкери во количество еквивалентно на она што го трошат Германија, Франција и Британија – заедно.
Кинескиот увоз на сурова нафта во мај изнесувал 7,8 милиони барели на ден – рекордно ниско количество во изминатите осум години. Увозот на нафта преку танкери бил најнизок по 2016 година и за 45% под нивото во февруари.
Тие го направија тоа без да претрпат економска штета, бидејќи можеа да се потпрат на многу механизми: на огромните стратешки резерви, на масовниот пораст на употребата на електрични возила, на капацитетот за генерирање струја од јаглен и на негови преработки, забележува Блас.
Кина на крајот на 2025 година имаше нафтени резерви од околу 1,4 милијарди барели, три пати повеќе од САД и шест пати повеќе од Јапонија. Според проценките на Блас, Пекинг од своите подземни резерви ослободил 100 до 200 милиони барели помеѓу средината на април и средината на јуни.
Употребата на електрични возила скокна во април и мај. Првичните податоци укажуваат на зголемување на полнењето на кинеските автопати за 50 до 80% на годишно ниво.

Количината на производство на електрична енергија од јаглен во април достигна сезонски рекорден максимум, а со преработка на јаглен во хемикалии делумно надокнади критични производи, како ѓубрива.
Иако целта на Пекинг била да ја заштити својата економија, таа го апсорбира главниот глобален енергетски шок. Оваа улога на Кина како стабилизатор на пазарите има геополитички, а не само регионални последици.
Шокот на понудата од 1973 година го создаде терминот „арапско нафтено оружје“. Војната на САД и Израел против Иран сега ни го дава „кинеското нафтено оружје“. Или можеби „штит“ е подобар израз, со оглед на тоа како Пекинг би можел да го користи во идните судири со САД, забележува Блас.
На пазарот на нафта би можело трајно да се намалат премиите за геополитички ризик што трговците ги додаваат на цените, бидејќи сега знаат дека Кина може да ги ублажи големите прекини во снабдувањето на начин што беше незамислив пред неколку недели.
Импликациите во дипломатијата и одбраната се подлабоки. Кина се покажа дека не е многу ранлива на ембарго на нафта преку поморска блокада. Американски стратези во воени симулации ја разгледуваа можноста за блокада на Малачкиот проток, за да го блокираат пристапот на Пекинг до клучните ресурси ако го нападне Тајван. Тоа им овозможуваше на САД да ја постават својата морнарица далеку од копното на Кина.
Токму поради оваа закана Пекинг ги наполни своите стратегиски резерви со нафта и сега успешно ги тестираше како штит од кризи.