Рударското гратче Ботроп се наоѓа во Рурската област, која е дом на 5.5 милиони луѓе. Некогаш во двеститините рудници во регионот работеле 500.000 работници, произведувајќи 124 милиони тони јаглен годишно.
Следната година, кога ќе биде затворен Проспер-Ханиел, последниот рудник на јаглен кој во моментов е активен, во областа ќе биде означен крајот на една ера. Рурската долина доживува огромна трансформација - погоните за преработка на јаглен и железо во последниот половина век еден по еден стивнаа, а помеѓу остатоците од фабрички кули и оџаци изникнаа турбини на ветер.
Но патот од „валканиот“ јаглен до чиста енергија не е лесен. Проспер-Ханиел е симбол на предизвиците и можностите со кои се соочува Германија, како и сите држави кои се уште произведуваат јаглен.
Речиси насекаде низ светот владите му вртат грб на јагленот, кој беше главно гориво на индустриската револуција. Рудниците масовно се затвораат, а се уште не е јасно дали од нив може да има некоја корист во следната енергетска епоха.
Рурската област се состои од 53 градови од некогашното германско „срце на индустријата“, што ги вклучува Есен, Бохум и Оберхаузен. Целиот регион некогаш бил речна долина, но денес пејзажот се состои од високи ридови - тони згура ископани заедно со јагленот, визуелен потсетник на она што е извадено од под земја.
Како што се затворале рудниците, така овие ридови почнале да се покриваат со трева, а голем број од нив се „украсени“ со статуи, како на пример со обелиск од современиот американски скулптор Ричард Сера, или турбини кои изгледаат како огромни механички маргаритки.
Германија се смета за водач во глобалниот премин кон чиста енергија, оставајќи го зад себе индустриското минато многу побргу од поголемиот број земји во индустријализираниот свет. Земјата има потрошено повеќе од 200 милијарди американски долари на дотации за обновлива енергија од 2000 година (споредено со САД која годишно троши 20 милијарди за замена на фосилните горива).
Во 2011 владата на Меркел најави почеток на политика за тн. energiewende (eнергетска реформа), која треба да ја ослободи Германија од фосилни горива и нуклеарна енергија. Минатата година скоро 30% од електричната енергија во земјата беше добиена од ветер или сонце. Целта сега е во следните 10 години овој процент да се зголеми на 40, а емисиите на јаглерод до 2020 да се смалат за 40% под нивоата од 1990.
Транзицијата се случува паралелно со обидите да се реставрира пејзажот на Рурската област, со оглед на тоа што регионот заради ископувањата полека „тоне“, и тоа досега за 25 метри. Променет е протокот на изворите, а старите рудници се полни со контаминирана вода која може да ја загади онаа над земја. Доколку 5-6-те милиони луѓе се уште сакаат да живеат во оваа област, ќе мора да сторат нешто и за следните генерации, што може да се покаже како долготрајна и макотрпна задача со оглед на огромните тектонски и геолошки промени.
Но за разлика од САД каде старите компании за преработка на јаглен ги продаваат нивните средства за работа или прогласуваат банкрот, во Германија компаниите задолжени за рудниците ќе испумпуваат вода и откако ќе престанат да ископуваат руда, а ова благодарение на тоа што владата на рударскиот конзорциум му исплаќа 220 милиони евра годишно за да излезе на крај со последиците од копањето јаглен.
Сепак, и покрај сите напори, постојат и скептици кои сметаат дека поставените цели не се реални, меѓу другото и заради продолжената употреба на алтернативниот јаглен, лигнит, познат и како „кафен јаглен“. Германците имаат највисоки трошоци за струја во Европа, а подемот на екстремната десница на последните избори се должеше делумно и на високите сметки.
Ако Германија сепак издржи во спроведувањето на ваквата климатска политика, голем дел од новата енергија сигурно ќе биде добиена од ветер. Тука се наоѓаат повеќе турбини на ветер отколку во било која друга земја во Европа, а повеќето од нив се инсталирани во последните шест или седум години. Но ветерот не дува постојано, па промената е предизвик за електричната мрежа.
Во една ваква ситуација старите јагленокопи можат да се покажат повторно корисни, како големи батерии за чиста енергија. А се што е потребно за тоа е - гравитација. Наједноставно кажано, кога кревате тежок објект, тој ја складира енергијата која сте ја употребиле за да го подигнете како потенцијална енергија, а истата ја испушта тогаш кога ќе падне на земја. Кога е во прашање, на пример, вода, таа се пумпа нагоре и се складира во резервоар, а кога сакаме да ја употребиме нејзината сила ја пуштаме надолу низ серија турбини, кои гравитацијата ја претвораат во струја.
Ова е основниот план кој го имаат разработено Андре Ниман и Урлих Шрајбер, професори на Универзитетот Есен-Дизбург, кога замислувале како да се искористат старите рудици. Колку што е висината помеѓу горните и долните резервоари поголема, толку повеќе енергија може да се складира, а што има подлабоко од јагленокопи?
Истражувањата траат веќе неколку години, а изборот паднал токму на рудникот Проспел-Ханиел. Неговиот резервоар ќе биде изграден како огромен тунел, со бетонски прстен со обем од 14 километри, со мала разлика во висината од едната страна на прстенот до друга, што ќе овозможи пад на водата. При максимално полн резервоар турбините би можеле да вртат неколку часа, обезбедувајќи 800 мегават-часови енергија, доволно за напојување на 200.000 германски домови. Единствениот проблем е што ова е многу скап потфат, и за тоа се потребни 10-25.000 евра по метар тунел само за изградба на резервоарот а околу 500 милиони евра за целиот проект.
Засега ниту владата ниту енергетските компании во Руската област не се подготвени за една ваква инвестиција. Одговорноста за поттик на оние кои имаат пари за вложување е на градоначалниците и на политичарите, кои треба да го трансформираат стравот од промени во нова визија. Недовербата, особено во вакви мали градови во кои луѓето се навикнати на соработка, е опасна, дури и смртоносна. А во Рурската област ваквата соработка е уште поважна имајќи предвид дека во последниве години таму се имаат доселено голем број полски, итлаијански и турски работници, како и бегалци од Сирија.
Засега најкреативен е градоначалникот на Ботроп, Бернд Тишлер, кој откако стапнал на должност во 2009 има изградено топлински централи кои работат на метанот собран од рудникот за јаглен. Така, овој град го има добиено името „Град на иновации“. Наскоро целата земја можеби ќе го добие овој назив.