Списокот е со имиња на сите функционери на кои еден градежник од провинцискиот главен град Јинчуан им исплатил мито. Иако тој не е изворот и се уште не може да се потврди вистинитоста на листата, кинеските новинари потврдија дека секој што е на списокот е актуелен функционер.
Сосема педантно заведена е агенцијата на функционерот што бил исплатен, сумата која му е дадена и за која намена било тоа. На пример, 1.000 јуани за директорот Џин од бирото за религиозни работи, за добивање на "дозвола за халал храна."
Сумите на подароците се движат од 1.000 до 3.000 јуани (од 160 до 490 долари). Најголемиот дел од јавноста не беше шокирана од тоа дека функционери земале мито, туку од тоа за колку евтино тие се продавале.
"Бројките се речиси точни. Сумата која обично ја даваме е дури и помала, и во основа ја завршува работата. Гласините на интернет се претерани. Многу ретко е да дадеш неколку милиони за мито, освен ако не треба да се заврши нешто навистина важно.
Ова е тотално нормално. Сите компании го прават ова на крајот од годината, посебно за бироата за регистрација, даночните служби и здравствените инспектори. Дури и ако ги поткупиш нема гаранција дека тие нема да те зафркнат. Ама ако не им платиш, тогаш дефинитивно ќе те ти најдат нешто," пренесува Атлантик две изјави од кинеските социјални мрежи.