Иако остава можност Украина или Русија годинава да имаат успешна воена офанзива, Џулијан Барнс во текстот за Тајмс пишува дека сепак најверојатен исход е фронтот во 2024 да заврши на истите линии на кои почна.
Доколку изостане напредок, очекувањето е дека Украина ќе треба да се договори со Русија. Она што веројатно е прифатливо за Путин, задржување на територијата и Украина да остане неутрална, Барнс објаснува дека Украинците го сметаат за капитулација, „меѓутоа без дополнителна помош од САД, тие веројатно ќе бидат присилени да го прифатат.“
Нешто подобра зделка за Украинците би било да и се врати барем еден дел од територијата, плус ветување дека САД и Европа ќе ја бранат ако Русија повторно нападне.
„Но за таква зделка да биде возможна на Украина ќе и треба посилна војска за да ја намали руската моќ. Руската армија е оштетена, нејзиното најнапредно оружје е изгубено, модернизацијата е вратена назад со години. Ако предложените 60 милијарди долари американска помош некогаш бидат изгласани тоа ќе овозможи уште подрски украински напади зад руските линии - тип на операции кои константно ќе ја држат Москва вон баланс.
На кратко, парите од Конгресот би можеле да бидат разликата меѓу лош и подобар договор. Тие ќе и дадат посилна позиција на Украина на масата. Без нив, Путин ќе покаже дека неговата теорија е точна дека тој може да издржи подолго од Западот,“ пишува Барнс.