Шпанија деновиве ја претица Кина по бројот на смртни случаи. Земјата со денови книжи по 400-500 мртви на ден и во моментов има околу 60.000 заразени.
По бројот на смртни случаи по глава на жител, пак, Шпанија веќе е три пати полоша од Иран и дури 40 пати полоша од Кина.
Блискоста со Италија не може да биде причина бидејќи италијанските непосредни соседи (Франција, Швајцарија, Австрија и Словенија) се држат подобро од неа. Но, тоа е дел од проблемот, Шпанија помисли дека е тоа доволно далеку.
„Ние ќе поминеме со шака случаи,“ изјави на 9 февруари првиот човек на Шпанија за вонредни здравствени ситуации, доктор Фернандо Симон.
Шест недели подоцна, истиот човек секојдневно известува за стотици изгубени животи од вирусот.
Како и сите Медитеранци, и Шпанците ги зафркна убавото време. Додека проблемот се чинеше „доволно далеку“, бавчите на кафулињата и рестораните минуваа начичкани со луѓе кои го прават она што тие најдобро го знаат - се дружат, со гушкања, со бацувања, со страсни муабети на интимни астали.
На 19 февруари, на натпревар во Бергамо, 2.500 фанови на Валенсија се миксаат со 40.000 навивачи на Аталанта за Лигата на шапиони. Утакмица која градоначалникот на тој град ја смета за „бомбата која го експлодираше вирусот во Ломбардија“.
На 8-ми март имаат масовни улични светковини за Денот на жената а три дена подоцна, 3.000 фанови на Атлетико Мадрид заминуваат на утамица во Ливерпул.
Шпанија има одличен примарен здравствен систем но речиси децениската рецесија од финансиската криза сериозно го има деградирано па земјата ја дочека пандемијата со една третина болнички кревети пер капита од она со што располагаат Австрија и Германија (сепак,има повеќе од Велика Британија и САД).
Социјалистичката влада на Педро Санчез делувала трапаво и нерешително, оставајќи ја земјата со недоволно апарати за дишење, тестови за коронавирус и заштитни средства за медицинарите. Во меѓувреме, Кина од шејтан се претвора во ангел и помошта од таму редовно и обилно стигнува. За иронија, таа кинеска помош во голема мерка е издејствувана и со притисок на бројната кинеска имиграција во Шпанија, луѓе кои први ги затворија дуќаните стравувајќи од расистички испади.
Особено језив проблем во Шпанија се лакомите приватни пензионерски домови. Види во „Шпанската армија откри лешеви во старечки домови во Мадрид“.

Економистот Тони Ролдн пресмета дека, за да застане на нозе, на Шпанија ќе и требааат 200 милијарди евра заем од Европскиот механизам за стабилизација. Но, за тоа, сигурно ќе мора да почека.
„Во моментов, Шпанија мора да го победи вирусот. Тоа е досега најтешкиот момент. А полошото допрва ќе доаѓа“, пишува Жил Тремлет во Гардиан.