Јорданците не се плашат од Иран, туку од Израел

Американските коментатори, кои го величаат Јордан како „оаза на стабилност“ предупредуваат на заканата од Иран, но за Јорданците многу поголема закана е настојувањето на Израел да го анектира Западниот Брег. Тоа ќе значи стотици нови илјади палестински бегалци, што ќе ја оптовари кревката економија и ќе го загрози политичкиот баланс во Аман.

За време на војната со Иран, Јордан беше цел на напади со речиси 300 ирански ракети и беспилотни летала, кои главно ги гаѓаа американските бази во оваа мала арапска земја што никогаш не сакала конфликт со Техеран. Откако во еден напад во јули загинаа тројца американски војници, стотина јордански активисти поднесоа контроверзна петиција со барање американските сили да ја напуштат земјата. На Западот се појави загриженост дали народни немири би можеле да ја ослабат владејачката монархија, која долго време е еден од најблиските стратешки партнери на Вашингтон на Блискиот Исток.

Јордански функционери, новинари и коментатори откриваат сосема поинаква загриженост. Нивната фрустрација поради војната со Иран е реална, но таа е занемарлива во споредба со егзистенцијалниот страв од забрзаните напори на Израел да го анектира Западниот Брег, укажува Шон Јом, професор по политички науки на Универзитетот Темпл.

Потпирајќи се на моќни воени и безбедносни сили, монархијата вешто управува со тензиите преку балансирање меѓу умерена репресија и реформи што ветуваат поголема демократија и просперитет. Ова го прави кралството идеален бедем за интересите на САД. Јордан е домаќин на американски сили во десетина бази, што го прави клучен логистички центар за Централната команда на САД. Ниту една друга земја на Блискиот Исток, освен Израел, не добива толку голема американска помош. Се очекува Аман оваа година да добие повеќе од 2 милијарди долари економска и безбедносна помош.

Јордан и Израел потпишаа мировен договор поддржан од САД во 1994 година. Сепак, денес, војната во Газа и поновите израелски упади во Либан и Сирија ги зголемија стравувањата од анексија.

Јорданците претпоставуваат дека, доколку Израел прогласи целосен или делумен суверенитет над Западниот Брег, многу Палестинци би биле принудени да се преселат во Јордан. Тоа би создало притисок без преседан врз демографските и политичките чувствителни точки на земјата, потенцијално уништувајќи ја токму онаа стабилност што ја прави витален сојузник на САД. Јорданците овој можен развој на настаните го нарекуваат „ал-ватан ал-бадил“ (алтернативна татковина), алудирајќи на израелското тврдење дека Јордан треба да биде татковина на Палестинците.

Договорите од Осло го делат Западниот Брег на три административни зони. Повеќето од трите милиони Палестинци  живеат во зоните А и Б, каде што се наоѓаат поголемите градови и кои остануваат под различен степен на контрола на Палестинската самоуправа. Поголемата зона Ц опфаќа речиси две третини од територијата и во неа живеат околу 250.000 Палестинци. Таа е под контрола на Израел и моментално е место каде што се спроведуваат најголемите проекти за изградба на израелски населби.

Најрадикалниот план за анексија предвидува Израел истовремено да ги припои зоните А, Б и Ц, што веднаш би довело до распуштање на Палестинската самоуправа и би предизвикало масовно преселување на населението во Јордан. Дури и според „најблагото“ сценарио – анексија на Областа Ц, се очекува во Кралството да пристигнат до 500.000 нови Палестинци.

Апсорпцијата на новодојденците би ја оптоварила економијата која веќе се бори со речиси 83% јавен долг, 24% сиромаштија и 45% невработеност кај младите. Монархијата, исто така, би го изгубила старателството над исламските и христијанските места во Источен Ерусалим, што ѝ помага да го зајакне легитимитетот. Покрај сето ова, Јордан би се соочил со народни демонстрации и милитантни групи кои планираат напади врз Израел.

Во позадина на загриженоста на Аман лежи сложената историја на односите меѓу Јорданците со палестинско потекло и Јорданците со племенско потекло, познати како Трансјорданци. Граѓанскиот конфликт познат како „Црн септември“ во 1970 година, во кој јорданската армија ја порази Организацијата за ослободување на Палестина по крвавото востание, посеа длабока недоверба. Оттогаш опстојува еден вид нестабилна, но трајна етнократија: трансјорданските племиња ги пополнуваат државните и воените служби како чувари на круната, а Јорданците со палестинско потекло ја движат економијата, но имаат мал политички глас.

Ова ги остава неодговорени фундаменталните прашања за националниот идентитет, вклучително и прашањето за тоа кој навистина му припаѓа на Јордан.

Трансјорданските шовинисти честопати ги доживуваат Јорданците со палестинско потекло како нелојални гости, а некои од нив ја обвинија кралицата Ранија – која има палестинско потекло – за корупција. Од друга страна, многу Јорданци со палестинско потекло се жалат на дискриминација, затоа што изборниот систем им дава предност на руралните племенски области во однос на градовите со палестинско мнозинство, како што е Аман, објаснува професорот Јом.

Минатата година, американскиот претседател Доналд Трамп експлицитно вршеше притисок врз кралот Абдула да прифати палестински бегалци од Газа. Трамп сега јавно се противи на израелската анексија на Западниот Брег. Но, Јорданците стравуваат дека, доколку биде принуден да избира, Вашингтон ќе застане на страната на Израел, а не на Хашемитското Кралство.

4 септември 2026 - 09:04