
Од октомври 2023 година Израел ја промени својата политика кон Палестинците. Колежот што неговите сили го спроведуваат во Газа веќе 21 месец вклучуваше масовни убиства, директно и преку создавање невозможни услови за живот, телесни или ментални повреди на цела популација, десеткување на основната инфраструктура низ целиот појас и насилна преселба на луѓе од огромни размери, со етничко чистење како официјална воена цел, пишува групата Б'Тселем во извештајот насловен „Нашиот геноцид“.
Во обвинувањата се придружи и групата Лекари за човекови права. Во извештајот израелските сили се обвинуваат за масовни апсења и малтретирање Палестинци во израелските затвори „кои се претворени во логори за мачење“ и за кинење на социјалното ткиво на Газа, преку уништување на палестинските образовни и културни институции.
Проверката на политиката на Израел во Газа и нејзините ужасни последици, заедно со изјавите на високи израелски политичари и воени команданти за целите на нападот, не водат до недвосмислен заклучок дека Израел спроведува координирана и намерна акција за уништување на палестинското општество во Газа. Со други зборови, Израел спроведува геноцид врз Палестинците во Газа, наведува Б'Тселем.
Групата изразува стравување дека геноцидот нема да запре во Газа и бара итна и решителна акција и од израелското општество и од меѓународната заедница да ги употребат сите можни законски средства за да запре израелскиот геноцид.
Ова обвинување е екстремно чувствително за Изралеците, поради важноста на холокаустот во општеството. Владини функционери ги отфрлија како „антисемитистички“ сите досегашни обвинувања за геноцид во Газа. Ова е едно од првите што доаѓа од внатре.
Внимателно ги проценивме сите ризици со кои може да се соочиме – легални, репутациски и општествени, и ќе се обидеме да ги избегнеме. Навикнати сме да трпиме напади од владата и социјалните медиуми, што значи дека ова не ни е ново. Сосема е можно ова прашање, кое е толку многу чувствително и длабоко всадено во израелското општество, да води кон многу пожестока реакција, изјави Сарит Михаели, директорка за меѓународни прашања во Б'Тселем.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху досега без сериозни последици го игнорираше притисокот од роднините на израелските заложници и од граѓански групи, кои со месеци организираат протести и бараат итно да запре воената интервенција.
Нов проблем е намалениот одѕив на резервистите на повиците за мобилизација, кој се спушти на околу 60%.
При израелските акции против Иран и Хезболах во Либан имаше јасни стратегиски цели. Но, не постои јасен воен императив за да продолжат воените операции во Газа. Мислам дека главната причина за долгата војна во Газа е политилка, изјави генералот Асаф Орион, поранешен шеф за стратегиско планирање во Израелските одбранбени сили.
Еран Ецион, поранешен заменик-шеф на советот за национална безбедност, тврди дека Нетанјаху не ја запира војната во Газа поради лични политички и легални интереси.
Потребно му е војната да продолжи за да ја одбрани и да ја зајекне власта, вели Ецион.