Избори по ново во САД: Немаш државјанство - нема гласање

За да купат пиво Американците мора со личен документ да докажат дека се постари од 21 година. Никој не им бара лична карта за да гласаат. Трамп нареди право на глас да имаат само оние со потврда дека се државјани на САД, што е проблем за 21 милион Американци без таков документ. И повеќе да не се важат гласовите по пошта што пристигнале по затворањето на гласачките кутии.

Претседателот Доналд Трамп, кој сè уште тврди дека со изборна измама му била украдена победата во 2020 година, со извршна наредба ги менува правилата за гласање за да ги направи изборите „пофер“.

Новите правила може да го намалат бројот на гласачи за речиси 10%. Се ограничува гласањето по пошта и се воведува построга легитимација на гласачите. 

Изборна измама. Мораме да ги поправиме нашите избори. Ова барем ќе придонесе да заврши долгиот пат, изјави Трамп откако ја потпиша извршната наредба.

Секоја сојузна држава има широка слобода како да ги спроведува изборите. Ниту една не дозволува да се гласа по затворањето на кутиите, но некои ги прифаќаат гласовите по пошта, ако навремено биле испратени. Во Флорида на пример, се прифаќаат поштенските гласови испорачани до 19 часот на денот на изборите, кога се затвораат кутиите, а за Калифорнија е битен датумот на печатот на испратениот глас, па ги важи и ги пребројува и гласовите што пристигнале една недела по затворањето на кутиите.

Построга ќе биде и регистрацијата и проверката на гласачите. Од независната Комисија за изборна помош се бара во националниот формулар за регистрирање на гласачи да се приложи и доказ за државјанство. Согласно сегашниот формулар, лица може да се регистрираат за гласачи ако потпишат изјава дека одговорно, под закана од казна за лажно сведочење, се граѓани со право на глас.

Ако државите не ги почитуваат новите правила, може да останат без федералното финансирање, се предупредува во извршната наредба. На Канцеларијата за владина ефикасност и на Одделението за домашна безбедност им се дава право да ги прегледуваат избирачките списоци за да утврдат дали се усогласени со федералните закони.

Граѓански групи за гласачки права изразија загриженост дека приложувањето доказ за државјанство може да биде пречка за многумина Американци. Во извештај на Бренан центарот од 2023 година се наведува дека 21,3 милиони полнолетни Американци немаат документ дека се државјани на САД.

Со проблеми може да се соочат и жените што при стапувањето во брак го промениле презимето. На неодамнешно локално гласање во Њу Хемпшир такви проблеми имале лицата со едно презиме во матичната книга на раѓање и друго во валидните документи за идентификација.

Критичарите на Трамп не ги оспоруваат правилата, туку законската основа на наредбата и оценуваат дека таа може да биде поништена на суд. Но и поранешниот претседател Џо Бајден во 2021 година потпиша извршна наредба за изборите, со која на федералните агенции побара да преземат чекори за помасовна регистрација на гласачи. Трамп ја поништи таа наредба.

Републиканскиот национален комитет во меѓувреме спроведува обемна иницијатива за проверка на избирачките списоци низ САД, со цел да бидат избришани починатите и лицата што не ги исполнуваат условите да гласаат.

26 март 2025 - 09:18