Исповед на спин докторот на Путин

Од 2006-та њујоршката компанија за односи со јавноста, Кечам, на Кремљ му фактурираше милиони долари за советување и помош на Москва во подобрување на својот имиџ на Западот.

На сајтот на Кечам под клиенти се наведени Делта Ерлајнс, Котонела и Хаген-Даз, ама никаде не ги спомнуваат Руската федерација или Гаспром. За тоа пак според формуларот од Законот за регистрација на странски агенти, кој Кечам го има поднесено до Департманот за правда, компанијата на Москва и има наплатено 1,5 милиони долари за втората половина од 2013-та.

Според поранешни вработени на Кечам, за овие пари компанијата и нема завршено нешто многу работа, односно Путин речиси секогаш ги игнорира сите совети што ги добива од ПиАр професионалците на Западот.

"Тој го работи сопствениот ПиАр. Не ми текнува на било што направено од Кечам што го подобрило имиџот на Русија... Тие се потполно безмоќни да влијаат на начинот на кој функционира машинеријата за вести на Кремљ. Ова е далеку, далеку, далеку, над нивното пренадуено ниво на плата," објаснува Ангус Роксбург, поранешниот репортер на БиБиСи кој во Кечам работел на Русија.

Роксбург објаснува дека активностите на неговата поранешна компанија се сведувале на контакти со медиумите, пишување брифови за интервјуа и прес-конференции, организирање на посети за руските министри и по некое објавување на колумни или мислење. Од последниве најпозната е колумната на Путин која во септември беше објавена во Њујорк Тајмс (тогаш Путин го предупредуваше Обама да не користи сила во Сирија).

Што се однесува до моменталната ситуација со Украина, во разговорот со Дејли Бист заменик претседателката на Кечам, Дејна Стамбоу, објаснува дека тие никогаш не ја советувале Русија за надворешна политика, туку повеќе се насочени кон "поддршка на економскиот развој и инвестициите во земјата, преку воспоставување врски меѓу претставниците на Руската федерација и западните медиуми."

Кечам и европската ПиАр агенција ГПлус во 2006-та го добија договорот за претставување на Русија. Според Роксбург на почетокот Путин и Русите го прифаќале советот што го добивале од Кечам, ама со тек на време се добило впечаток дека Кремљ не ги плаќа агенциите затоа што сега му требаат, тука за не дај Боже некогаш да не затребаат.

Настани како убиството на новинарката Ана Политковскаја во октомври 2006-та, труењето на Литвиненко еден месец подоцна и инвазијата на Грузија, се случаи кои е речиси невозможно да се спинуваат во западните медиуми. Роксбург тврди дека во овој период Русија на Кечам за консултации му исплаќала по 1 милион долари месечно.

"Откако по убиството на Политковскаја следуваше убиството на Литвиненко, а потоа и инвазијата на Грузија, почнав да се прашувам дали единствената причина зошто Кремљ одлучил да земе западна ПиАр агенција е затоа што однапред знаат дека нивниот имиџ наскоро ќе почне да пропаѓа," пишува Роксбург во својата книга The Strongman: Vladimir Putin and the Struggle for Russia.

Во овој период компанијата го советува Кремљ да биде поотворен кон западните новинари во Москва, портпаролите на Путин да почнат да одат на ручеци со новинарите и да понудат интервјуа со владините министри. Од прва Русите се отвориле, ама по убиството на Политковскаја, сето ова прекинало затоа што секоја средба завршувала со прашања за човекови права и демократија. Освен ова, тие го подготвувале Медведев за настап на телевизија и му давале слични совети.

11 март 2014 - 19:32