Близу 270.000 гласачи на Исланд се повикани да одговорат на прашањето дали земјата треба да ги продолжи преговорите за членство во Европската Унија или да го задржи сегашниот статус. Референдумот официјално е закажан за 29 август, но предвременото гласање е отворено денеска. Анкетите покажуваат дека јавноста е поделена, со блага предност на блокот што сака Исланд да продолжи кон ЕУ.
Во обид да извршат влијание врз јавното мислење, во кампањата неповикани се вклучија низа европски политичари. Евроомесарката за проширување Марта Кос изјави дека Унијата „ќе биде подготвена“ доколку Исланд одлучи да се приклучи. Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро рече дека Рејкјавик „нема што да изгуби“ со повторното започнување на преговорите.
Гудрун Хафстеинсдотир, лидерката на најголемата опозициска партија на Исланд, ги повика европските политичари да не се мешаат во референдумот. Според неа, референдумското прашање е од суштинско значење за националниот идентитет на Исланд, кој во својата 1.200-годишна историја бил независен само околу сто години.
Случајот на Исланд се разликува од повеќето кандидати за членство во ЕУ. Северната земја со едвај 400.000 жители е веќе тесно интегрирана со Унијата преку членство во Европската економска област и Шенген зоната. Исланд поднесе барање за пристапување во ЕУ во 2009 година, по длабоката финансиска криза и колапсот на банките, но ги прекина преговорите во 2013 година, откако економијата брзо закрепна, а истовремено избувна спор со Брисел околу правата за риболов.
Исланд ѝ е близок пријател на ЕУ и сака силна соработка. Но, пријателството не подразбира членство. ЕУ треба да ја почитува можноста Исланд да биде сигурен партнер и надвор од Унијата... Нашето место во светот е јасно: ние сме европска демократија. Прашањето на овој референдум не е дали Исланд треба да соработува со Европа, бидејќи ние тоа веќе го правиме секојдневно, изјави Хафстеинсдотир.
Таа води кампања против полноправно членство, со аргумент дека сегашните односи ги обезбедуваат придобивките од блиската соработка, без обврските што ги носи членството.
Политичкиот блок што се залага за членство укажува на зголемувањето на безбедносните ризици низ Арктикот, особено откако американскиот претседател Доналд Трамп по грешка кажуваше „Исланд“ кога говореше за потребата на САД да го преземат Гренланд. Исланд нема своја армија и се потпира на заштитата од НАТО.
Како и на сите мали држави, потребни ни се силни сојузи. Но, исто така, потребна ни е можноста да носиме одлуки што одговараат на нашите сопствени интереси, вели Хафстеинсдотир.
******
Види и: Мал чекор за Молдавија кон ЕУ - голем скок за проевропските партии?