
Пред точно еден век калуѓерките од редот Бон Секурс ги закопале првите бебиња на локацијата Туам. До 1961 година ледината од 5.000 квадратни метри станала необележана масовна гробница, со останки на 796 деца што починале во Домот за мајки и бебиња „Света Марија“.
Калуѓерките ја воделе својата институција со одобрение од ирската држава, која не се тревожела од суровиот третман на жените и високите стапки на смртност кај новороденчињата. Домот во Туам бил затворен во 1961 година и бил срамнет со земја, за да биде изграден станбен комплекс.
Властите не презеле никакви мерки ни кога во 1975 година две момчиња пронашле човечки коски во напуштената септичка јама. Тревогата ја кренала Кетерин Корлес, секретарка во фабрика и самоука историчарка, која спровела сопствено истражување и открила посмртници за 796 бебиња. Во 2014 година нејзиниот труд го пренеле локалните, а потоа и меѓународните медиуми. Била формирана судска комисија. Државата се извини и вети целосна и транспарентна истрага.
Во Домот биле прифаќани стигматизирани девојки и жени што забремениле од вонбрачни врски. Таму биле испраќани за да се породат незабележано. Се водела евиденција за раѓањата и за смртта на бебињата, но немало записи за погребување.
Корлес се надева дека остатоците, кои се околу 2 метри под површината, ќе бидат правилно составени и идентификувани.
Толку многу мали коски се измешани затоа што влегла вода. Се надевам дека ќе можат да ги споредат, изјави Корлес.
Локацијата ќе ја истражува меѓународен тим од 18 археолози, антрополози и форензички експерти од Ирска, Британија, Австралија, Колумбија, Шпанија и САД. Нивната мисија е да ги пронајдат сите останки, да ги идентификуваат со примероци од ДНК и да им ги предадат на роднините за да можат достоинствено да ги погребаат.
Законот ги обврзува форензичарите да ја информираат полицијата за секое тело за кое има докази за насилна смрт. Се очекува операцијата да трае најмалку две години.
Excavation work is set to begin today at the site of the former Mother and Baby home in Tuam, Co Galway.
— Virgin Media News (@VirginMediaNews) July 14, 2025
Pre-excavation work has been underway for weeks. The operation is expected to take two years.#VMNews pic.twitter.com/6V7J7DlkGs