Причина за испраќањето авиони на индиската авијација беше упад на пакистански терористи во индискиот дел на Кашмир и убиство на 40 индиски војници. Одговорот на Индија беше бомбардирање на мети на пакистанска територија за кои тврди дека се кампови на терористите. На ова Пакистан одговара со бомбардирање на индиски мети, па следува воздушна битка во која двете страни тврдат дека собориле непријателски авион, плус Пакистан заробува еден индиски пилот.
Намерата на Нерендра Моди кога го наредува првиот воздушен напад е да покаже дека повеќе нема да трпи Пакистан да им дава поддршка на терористите кои извршуваат ужасни напади во Индија. Пример оној во Мумбај во 2008 кога терористи од Пакистан убиваат 165 луѓе. Иако пакистанската армија во тоа време ветува дека ќе стави крај на екстремистичките групи, ништо од тоа не се случува. Затоа, вонредно острата реакција на Моди требаше да биде сигнал дека Индија нема да дреме и да гледа како Пакистан дава поддршка на терористите.
Без разлика на одговорноста што паѓа на пакистанскиот премиер, Имран Кан, и работата што тој треба да ја заврши по дома, од Економист објаснуваат дека периодов клучната улога е токму кај Моди, кого во април го чекаат избори.
Проблемот е што по цел еден мандат, Моди не е „ни на небо ни на земја“. Како што пишува Економист тој не ги исполнил ветувањата што ги дал, но исто така не ги исполнил ни стравовите кои беа ширени од неговите критичари по добивање на мандатот. Ниту на терен тој е нешто посебно коректен со муслиманското малцинство во земјата, ниту пак неговите закоравени симпатизери се задоволни од тоа што тој го има направено за помагање на Хинду каузата.
„Примамливоста гласачите да бидат привлечени преку ризичен судир со Пакистан ќе биде голема.
Моди направи кариера играјќи со оган. Како што го чекаат тешки избори тој може да помисли дека ќе може да го повтори својот успех од времето кога е премиер на Гуџарат (кога на сметка на прогоните на муслимани ги освои гласовите на хиндусите) поставувајќи се строго кон Пакистан, но без да започне борба.
Сепак тука цената на една погрешна пресметка е преголема за таа воопшто да биде пресметана,“ се порачува во текстот на Економист.