Имигрантите станаа топ тема во Јапонија

Веста за рекордниот број новородени бебиња од семејства на странци во Јапонија ја разбрануваа јавноста, која е поделена во ставовите дали имигрантите се благослов или се проклетство за нацијата. Едни ги гледаат како спас за фабриките и решение за демографската криза, а други не ги сакаат затоа што им ја загрозуваат традицијата. Идната премиерка е на страната на вторите.

Бројот на бебиња родени во семејства на странски државјани во Јапонија лани се искачил над 20.000, односно на 3% од вкупниот број новороденчиња, соопшти Министерството за здравство.

Економскиот весник „Никеи“ ја оцени оваа вест како благодет, истакнувајќи дека „децата од странците помагаат да се надмине кризата со намалениот наталитет меѓу Јапонците“. Конзервативците, пак, ова го сметаат за закана и бараат построги правила за имиграција и за интеграција во општеството. На изборите за Горниот дом на парламентот во јули на второто место според бројот на гласови се проби малата популистичка партија Сансеито, која ја фокусираше својата кампања на миграцијата.

Населението на Јапонија го достигна својот врв во 2009 година со 128 милиони жители и оттогаш е во забрзан пад, кој достигна 0,5% годишно. Во исто време расте просечниот животен век. Проекциите укажуваат дека до 2070 година Јапонија ќе има 87 милиони жители, но и 35 милиони пензионери. Зголемениот товар врз работоспособното население уште повеќе ги обесхрабрува младите да создадат многудетни семејства.

Празнината на пазарот на труд со години се пополнува со  увоз на висококвалификувани работници, што ја зголемува имиграцијата. Лани вкупниот број на жители се намалил за 900.000, а бројот на странци се зголемил за 350.000. Според Агенцијата за миграција, во Јапонија живеат нешто под 4 милиони странци – претежно млади со намера да останат во земјата и да формираат семејства. Во јапонските компании најмногу странски работници има од Виетнам (571.000), потоа од Кина (409.000), Филипини (246.000), Непал (188.000), Индонезија (170.000) и од Бразил (136.000). Најмногу, околу 600.000, работат во фабричките погони, потоа во услужните дејности, продажбата, угостителството, градежништвото и здравствените и социјални услуги.

Податоците од Министерството за здравство покажаа дека минатата година се родени 22.878 деца од родители што пристигнале од други земји. Тоа е зголемување од повеќе од 3.000 во споредба со претходната година, односно за 50% повеќе отколку пред една деценија. Според националноста, најмногу „странски“ деца родиле мајки од Кина, а потоа од Филипините и од Бразил. Во исто време бројот на деца од јапонски двојки се намалил за 41.115 на вкупно 686.173. 

Санае Такаичи, новата лидерка на владејачките Либералдемократи, која до крајот на октомври ќе биде првата премиерка во историјата на Јапонија, во својата платформа најави мерки против засилената миграција. Министерката за правда Кеисуке Сузуки предупреди дека веќе до 2040 година странците би можеле да сочинуваат 10% од населението.

За да не се предизвика преголема штета врз пазарот на трудот, Такаичи ќе бара начин за поефикасна интеграција на дојденците.

Потребни ни се политики што ќе им овозможат на децата со странско државјанство, кога ќе пораснат, да зборуваат јапонски, да заработуваат колку и јапонските врсници и да можат да ги издржуваат своите семејства. Во спротивно ќе имаме поделено општество, предупредува професорот Тошихиро Менџу ода Универзитетот за меѓународни студии Кансаи.

13 октомври 2025 - 10:57