Имиграцијата е најголемиот проблем за Германците

И покрај долгиот список на глобални војни и закани, како и колапсот на домашната индустрија, нова анкета покажува дека Германците за најголем проблем ја сметаат миграцијата. Во споредба со порано, зголемена е и загриженоста од задушувањето на слободата на изразување. Не е загрижена само владата на Мерц, која ги тера старите политики на социјалдемократите.

Дури 50% од Германците сметаат дека миграцијата им е најголемиот проблем, од низата со кои се соочуваат денес. Ова не е само став на симпатизерите на десничарската партија Алтернатива за Германија.

Резултати од анкетата на агенцијата Инса покажуваат дека имиграцијата е главен проблем и за 58% од Германците што ѝ се наклонети на левичарската партија BSW. Многу потолерантни се симпатизерите на Зелените (24%), Левицата (23%) и социјалдемократите (36%).

Анкетарите потсетуваат на истражување од агенцијата YouGov, кое покажа дека мнозинството Германци поддржуваат мораториум за имиграција и масовни депортации. Мнозинството исто така е убедено дека во земјата пристигнале премногу легални мигранти, преку политиката „отворени врати“ на поранешните социјалдемократски власти.

Ни владејачките конзервативци не направија ништо против трендот. И покрај зголемената загриженост од јавноста, владата на Фридрих Мерц лани примила речиси 400.000 мигранти кои не пристигнале од други членки на ЕУ.

Втор најголем проблем за Германците е економското здравје на земјата. Две третини истакнале дека го чувствуваат економскиот пад. Оваа вознемиреност ги преминува партиските поделби.

Мнозинството Германци веруваат дека е загрозена слободата на изразување: 56% изразуваат голема загриженост за цензурата и заштитата на приватноста. Ова е особено изразено во источниот дел од земјата (63%) во споредба со западниот (54%).

Тука партиските линии се појасни. Симпатизерите на АфД и BSW се најзагрижени, за разлика од традиционалните гласачи за Зелените и за либералите.

Ставот на граѓаните во однос на главните проблеми се отсликува на рејтингот на партиите. Ако сега има избори, најмногу гласови би освоила АфД (26%), но со поддршка од 25% најголеми шанси да формира влада би имале владејачките конзервативци. Рејтингот на левичарите останува низок, 14% за социјалдемократите, 12% за Зелените и 10,5% за Левицата. АфД ја има и најлојалната база и со сигурност може да очекува 20% од гласовите.

23 јануари 2026 - 12:24