Коалицијата од три партии потврди дека ќе има значителни кратења во секторите на социјална помош и здравството за да се соберат доволно пари за новите обврски за трошоци за одбрана, преземени под притисок од американскиот претседател Доналд Трамп на самитот на НАТО.
Холандија сега издвојува 2,49% од својот БДП за одбрана. До 2030 година овој удел треба да достигне 2,8%, за да може да биде исполнета целта од 3,5% до 2035 година. Ако планот се спроведе во целост, годишните воени трошоци на Холандија ќе изнесуваат 19 милијарди евра.
Владата пресметала дека кратењата од здравството и социјалната помош нема да бидат доволни, па затоа воведува и „данок на слободата“.
По изборите во октомври, кој завршија без убедлив победник, центристичката проевропска партија Д66 договори коалициска малцинска влада со конзервативните христијански демократи и со десничарската ВВД. Трите партии имаат само 66 од вкупно 150 пратеници и ќе се потпираат на поддршка од другите политички групи.
Цртаме нов курс за нашата земја, со инвестиции насочени кон долгорочна перспектива, објави Роб Јетен, лидерот на Д66, кој на возраст од 38 години ќе биде најмладиот премиер во холандската историја.
Во заедничката платформа, трите партии експлицитно ја наведуваат и својата посветеност на Украина, ветувајќи „повеќегодишна финансиска и воена помош“ и „континуирана политичка поддршка за користење на замрзнатите руски средства во Европа“.
Другите планови опфаќаат инвестиции во домувањето и сè построги ограничувања на јавните финансии за да се задржи дефицитот под 2% од БДП.