
И покрај напорите на холандските власти за инвестирање во нови кабли и трафостаници, новите приклучоци во некои области ќе бидат достапни дури во средината на идната деценија, тврдат мрежните оператори.
Холандија претерано се потпираше на своите гасни ресурси и надградбите на електричната мрежа не го следеа темпото. Компаниите се оддалечија од гасните извори по ценовната криза во ЕУ во 2022 година. Денес повеќе од 2,6 милиони холандски домови имаат поставено соларни панели на покривите, покажуваат податоци од Асоцијацијата на дистрибутери на струја и гас.
За да се обезбеди потребниот капацитет на мрежата, холандската влада проценува дека се потребни инвестиции од 200 милијарди евра во кабли и нови трафостаници до 2040 година.
Ни требаат повеќе од 100 средни и 4.000 мали трафостаници, вели Јероен Дајселблум, градоначалник на Ајндховен. На операторите на мрежата им недостасуваат и 28.000 техничари за да ја инсталираат потребната инфраструктура.
Близу 20 милијарди може да се добијат со продажба на делови од дистрибутивната компанија Тенет на приватни инвеститори. Преостанатите ќе мора да се покријат со амортизација на средствата, што значи дека трошоците ќе паднат на потрошувачите.
Холандија веќе има најскапа струја во Западна Европа поради тесните грла во мрежата. Месечните цени, на пример, се за по 30 евра по мегават-час повисоки од Франција. За да се покријат потребните инвестиции, се очекува тарифите годишно да се зголемуваат по 4,5% до 2034 година.
За да се растовари капацитетот, на домаќинствата и на индустриските корисници им се нудат поевтини цени за струјата што ќе ја потрошат надвор од шпицот. Хаг почна рекламна кампања за „посвесно користење на енергијата“ и од корисниците бара да не ги полнат електричните автомобили и велосипеди во периодот од 16 до 21 часот, кога мрежата е под најголем притисок.
Министерство за енергетика и мрежните оператори бараат начини и како да ја заштитат мрежата од ненадејни оптоварувања, за да избегнат големи прекини како оној на Иберискиот Полуостров во април.
Тесните грла во Холандија се сметаат за акутен проблем, но аналитичари предупредуваат дека брзината на електрификацијата ќе ги загрози системите и на другите земји од ЕУ, соочени со амбициозните цели на блокот за декарбонизација.
Белгија е во неволја. Британија е во неволја. Во Германија има многу проблеми бидејќи ветерот е на север, а побарувачката е на југ, предупредува Ефје ван Горп, портпаролка на Тенет.