„Операцијата Устав“, смислена од Американците и венецуелската десница мина неславно: западниот пулен за претседател, во земјата не се врати на бел коњ, носејќи великодушна хуманитарна помош од пријателските земји за измрцварениот народ на Венецуела (види: Оганот во кој изгоре една „хуманитарна“ лага). Гуаидо се врати тивко, не го презема тронот а патем четворица командири од неговата „Венецуелска ослободителна армија“ беа уапсени.
Ама, шоу маст го он. САД не ја напуштаат дрската, воинствена и колонијалистичка („наш двор“) реторика. На 4 март потпретседателот Мајк Помпео повтори дека неговиот шеф останува на ставот дека Мадуро треба да биде отстранет, ако треба и со воена сила без меѓународна авторизација.
Дури и кај лојалните јужноамерикански држави ова не мина со климање глава, бидејќи се под притисок на своите генерали на кои им е јасно дека вмешувањето во венецуелскиот вртлог е сценарио кое по секоја цена треба да го избегнат.
Бразилскиот потпретседател, генералот Хамилтон Мурао, јасно даде до знаење дека Бразил и неговите вооружени сили нема да се вмешуваат во внатрешните работи на Венецуела. Исти ставови имаат и аргентинските генерали кои наспроти воинствените ставови на претседателот Макри, на состанок на Лима групата, јасно дале до знаење дека евентуално би учествувале само во мировна мисија во Венецуела, доколку таа биде одобрена од ОН.
Вообичаеното американско сценарио за вакви случаи (бомбардирање на стратешки воени и индустриски цели додека не ја клекнат земјата на колена по што доаѓаат војска и маринци да „пацифицираат“, односно да ја бетонираат стекнатата предност) и самите американски генерали го оценуваат како многу рискантно во случајот со Венецуела. Тоа го има предочено командантот на јужното крило на вооружените сили на САД, адмиралот Крег Фелер, потсетувајќи на „хоризонталната структурираност на боливарската армија која има околу 2.000 генерали кои контролираат различни сектори на територијалната одбрана“.Тие можат релативно автономно да ги изведуваат одбрамбените задачи, така што, венецуелската змија нема само една глава.
Ваквата темелна реконструкција на одбраната ја постави уште Хуго Чавез, по неуспешниот обид за државен удар против него во 2002 година, и во неа се користени кубанските искуства со хоризонталната поставеност на територијалната одбрана.
Тука е и сериозното руско вооружување, Сухои и друго, особено фамозните против-воздушни системи С-300 кои ја чуваат цела граница (земјена и морска) во длабочина од 100 километри. Радар на С-300 покрива 300 линеарни километри, 10.000 метри во височина, површина која Венецуела ќе ја брани со дури пет линии на одбрана на различна длабочина.
Трамп е под сè поголем притисок на американските нафтени компании (како Шеврон или Ексон на Рекс Тилерсон, кој беше најмен па набркан како државен секретар),бидејќи без венецуелската нафта (која ја немаат заради ембаргото) се принудени да купуваат од Саудијците по повисока цена. А венецуелската нафта не остана „неиспиена“ бидејќи неа сега ја купуваат Кина и Индија. И тоа не во долари туку во кинески јуани, што е особено болно за Трамп кој не Русија туку Кина ја смета за долгорочен архи-непријател на Америка.
Да не се заборави, интервенциите во Либија и Ирак и соборувањето на Гадафи и Садам се случија откако овие две земји се обидоа да се еманципираат од доларот како валута за плаќање со странски партнери. Уиграна е тоа шема. Две недели пред „хуманитарниот“ напад на НАТО на Либија, Банката на Англија ги заплени либиските златни резерви и не дозволи да бидат трансферирани во Триполи. Истото се случи и сега, со златните депозити на Венецуела кои се таму уште од 1970-тите години.
Останува американските надежи да се фокусират во ЦИА и нејзиниот „know how“ да води хибридни војни. Бразилскиот професор Хозе Луис Да Коста смета дека хибридната војна е американска стратегија за контролирање на цела Латинска Америка. А под неа се подразбираат симултани серии од напади (економски, правни, финансиски, дипломатски, медиумски, политички, психолошки, субверзивни и кибернетички), во случајов да се дестабилизира владата на Мадуро, да се раскине кохезијата во боливарската армија и да се деморализираат Чавистите.
„Последниов месец сајбер тероризмот предизвика сериозни штети на венецуелската економија со разни саботажи на електричниот систем. На 7-ми март цел систем беше соборен и прекинот на струјата траше 60 часа, парализирајќи ги сите компјутерски системи во државата“, пишува Ахил Лоло.
За вакви и слични цели Трамп го утростручи таканаречениот „Фонд за реставрација на демократијата во Венецуела“, кој сега изнесува преку 120 милиони долари. А се шпекулира дека црниот фонд на ЦИА за Венецуела изнесува неверојатни 800 милиони долари, само за оваа, 2019-та година.