
Одлуката на Корпорацијата Харвард, управниот одбор на Универзитетот, ѝ ја загрозува кариерата на Џино, но отвори широка дебата за академскиот интегритет и истражувачката етика. Одземање на статусот редовен професор е најстрогата дисциплинска мерка во САД, каква што со децении немало во високообразовните институции.
Проблемите за професорката почнаа во 2021 година, кога група експерти од блогот Data Colada, забележаа неправилности во некои од нејзините трудови. Харвард спроведе интерна истрага и заклучи дека Џино манипулирала со податоци во најмалку четири студии за да ги поддржи своите хипотези. Таа беше на неплатено административно отсуство во 18-те месеци додека траеше истрагата.
Тврдејќи дека обвинувањата ненадоместливо ѝ наштетиле на угледот, Џино поднесе тужба против Харвард, деканот на Бизнис школата и блогерите од Data Colada. Ги обвини за клевета, родова дискриминација и нарушување на приватноста и побара отштета од 25 милиони долари. Федерален судија во Бостон ја отфрли тужбата, со став дека како јавна личност Џино била предмет на јавен интерес.
Правни експерти сугерираат дека отповикувањата на редовни професори би можеле да зачестат ако универзитетите заземат поагресивен пристап кон „академско недолично однесување“. Други предупредуваат дека престрогите политики може да обесхрабрат иновации и го зголемуваат ризикот од привлекување негативно внимание.
*****
Види и: Професорка од Харвард која го истражувала феноменот на нечесност обвинета за фалсификување резултати