Иронично, но (изгледа) вистинито - во последниве неколку недели професорката од Харвардската школа за економија, Франческа Џино, е обвинета за лажирање податоци во неколку бихејвиорални истражувања. Зошто е ова иронично? Па затоа што нејзина главна тема на проучување е - нечесноста.
На 16 јуни списанието Chronicle of Higher Education објави изјава на Макс Базермен, професор на истиот универзитет и ко-автор на објавен труд од 2012 заедно со Џино, според која универзитетот се сомнева дека една од студиите раководена од Џино содржи фалсификувани резултати.
Статијата за којашто станува збор е објавена, а подоцна повлечена од списанието Proceedings of National Academy of Sciences. Таа се однесува на експеримент во кој од учесниците се барало да пополнуваат даночна и осигурителна документација, што во голема мерка почива на принципот на чесност, кој е заштитен со личен потпис. Сепак, луѓето понекогаш мамат за да добијат што поголем поврат на данок, на сметка на општеството. Во истражувањето е тестиран лесно применлив метод кој според авторите може да ја спречи нечесноста - потпишување на почетокот, а не на крајот на пријавата.
Студијата тврдела дека ваквата практика навистина влијаела врз чесноста на учесниците. Но според спомнатото списание, универзитетот обезбедил документ од 14 страници кој укажува на фалсификување податоци, вклучително и на откритие дека некој влегол во датабазата и дополнувал и менувал бројки.
На ова се надоврзал блог наречен DataColoda, кој го водат тројца професори по бихејвиорални науки, со пост во четири дела во кој се наведуваат дополнителни докази за уште четири академски статии чиј ко-автор е Џино. Според нив ниту еден друг од авторите не помагал во собирање на податоците за студиите, ниту пак во нивната обработка.
Во моментов проф. Џино е на „административен одмор“. Еден од нејзините последни популарни текстови, објавен во Харвард Бизнис Ривју, е „Што може да научиме од серијата Сксешн за каењето“.